More

    Фестивалот „Џифони“ почнува вечерва

    spot_img

    Од денес до 10 октомври повеќе од 500 ученици од Македонија и од 6 европски земји ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе следат креативни работилници, ќе се сретнат успешни уметници, ќе ги запознаат културата и традициите на своите другарчиња од странство на 10 филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“.

    Фестивалот ќе биде отворен од страна на амбасадорот на Италија во Скопје, Андреа Силвестри, со проекцијата на филмот „Итало“ на режисерката Алесија Скарсо, со почеток во 19 часот во киното „Милениум“. Приказната за нежното и трогателно пријателство помеѓу едно осамено момче и едно куче, кое е пример за човечност, ќе биде бесплатно достапна за публиката.

    По 10 пат единствениот концепт на споделување искуства меѓу младите преку филм, култура, уметност и креативност, ќе завладее во Скопје на повеќе локации. Десеттата година на фестивалот се одржува во Европската година на младите и темата на фестивалот „Невидлива моќ“ е посветена на моќта на младите, која е невидлива во општеството, но е основа на која се гради сегашноста и иднината за сите. Гости на фестивалот ќе бидат и учесници од: Италија, Бугарија, Србија, Романија, Полска и Ирска.

    – Скопје е град во кој дојдовме пред 10 години и овде ни е срцето. Се радуваме како фестивалот расте, и зад работата на возрасните во фестивалот, стојат стотици млади луѓе, кои учествуваат на фестивалот, не само на централниот настан во Скопје, туку и во сите други градови низ Македонија. Во овие 10 години фестивалот се обраќаше на децата од 11 до 19 години, би сакал да можеме да ја продолжиме оваа приказна и со помалите деца. Годинава Македонија ја вклучивме во патувачки проект кој ќе се одвива во неколку европски земји, а започнува токму со 10 издание на фестивалот – рече Јакопо Губитози, директор на „Џифони Експериенс“, на денешната прес-конференција што се одржа во Кинотеката.

    Фестивалските активности ќе продолжат од 6 до 10 октомври во Кинотеката и Младинскиот културен центар, каде покрај богатата програма на активности резервирана за учесниците на фестивалот, ќе има и низа настани отворени за публиката како и интересни гостувања на млади и успешни уметници од Македонија и од странство.

    – Горди сме на нашите учесници, зашто освен што гледаат филмови, тие учат и да дебатираат, да дискутираат за темите кои се претставени во филмовите, да градат свое мислење. Тоа го забележуваме и во сите наши учества на „Џифони Италија“, каде македонските џифонци се едни од најактивните и за нив слушаме само пофални зборови – вели Башески.

    – Една од придобивките на нашиот фестивал е што многу од младите што учествувале на фестивалот решаваат да продолжат во светот на филмот. Еден од важните аспекти на нашиот фестивал е што учесниците од Македонија се домаќини на џифонци од повеќе земји. Нас посебно нѐ радува што тие ги отвораат своите домови. Гостите имаат незаборавни искуства и многу често се враќаат на фестивалот – посочи програмската директорка на фестивалот, Деа Крстевска.

    Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во 19 часот, кога ќе бидат објавени победничките филмови во сите категории, а ќе бидат прикажани и творбите кои ќе произлезат од петдневните креативни работилници.

    Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Министерството за култура на Северна Македонија, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија и Градот Скопје, како и од Младинскиот културен центар и Кинотеката, како и други институционални поддржувачи и бројни спонзори.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img