Јубилејниот десетти по ред фестивал „Викенд на гордоста во Скопје“, оваа година ќе се одржува во две етапи, од 2 до 11 јуни и од 15 до 17 септември, во Музејот на современа уметност, Мала Станица, МКЦ, Театар комедија, КСП ЈАДРО и Станица 26.
„Викендот на гордоста во Скопје“ е фестивал за квир култура, уметност и теорија чијашто цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни.
„Фестивалот го отвораме на 2 јуни, во 20:30ч во МСУ, со изложба „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“, курирана од Славчо Димитров и Биљана Тануровска – Ќулавковски, а во рамки на која ќе бидат претставени архивски материјали и дела од Волфганг Тилманс, Нора Стојановиќ, Милош Коџоман и Драгољуб Бежан, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Јане Чаловски, Кочо Андоновски, Наташа Гелева, Музејот на современа уметност Скопје, STEAM ROOM, Александар Георгиев, Викторија Илиоска, и многу други. За време на отворањето на изложбата ќе биде изведен во живо и најновиот перформанс на Христина Иваноска, како и најновото кореографско дело на Александар Георгиев“, велат организаторите.
Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство со Локомотива, МСУ, ТИИИИТ! Инк., КСП Центар-ЈАДРО и Терапија, со поддршка на Министерството за култура на РСМ, Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, амбасадата на САД, Фондацијата Фридрих Еберт, амбасадата на Франција, Фондацијата отворено општество Македонија и Сигрид.