Европската Унија ги повика иранските власти да ги пронајдат одговорните за смртта на младата Махса Амини, која почина во полициски притвор пред 3 дена, јави дописничката на МИА од Брисел.
Амини беше притворена поради тоа што не го почитувала иранскиот закон за начинот на кој треба да се носи марамата на глава кај жените. Според првичните информации, 22 годишната девојка била жртва на насилство за време на полицискиот притвор.
Европската Унија денеска ги повика властите во Иран да спроведе истрага за убиството, да ги пронајде одговорните за нејзината и смрт и да ги казни.
-Императивно е иранските власти да обезбедат сите темелни права на граѓаните да бидат почитувани и сите кои се во било каков вид притвор да не бидат жртви на било какво злоставување – порача Европската Унија преку дипломатската служба.
ЕУ изрази сочувство за семејството и пријатели на младата Махса Амини.