Европската комисија во програмата за млади доделува 35.500 бесплатни билети за воз за пат низ Европа. Секој роден помеѓу 1 јули 2005 и 30 јуни 2006 година може да аплицира за бесплатен билет за DiscoverEU. Добра вест е што право на учество во оваа програма покрај младите од земјите на ЕУ ќе имаат и младите од неколку земји што не се членки на Унијата, меѓу кои е и Македонија.
Младите што ќе бидат вклучени во програмата ќе патуваат бесплатно во Европа до 30 дена. Сите оние што сакаат да добијат бесплатен билет за воз низ Европа, треба да одговорат на квиз за Европската Унија. Право на учество имаат млади од Европската Унија, како и од Исланд, Лихтенштајн, Македонија, Норвешка, Србија и Турција.
Различен број билети се достапни за поединечни земји.
Среќните добитници кои ќе го освојат билетот можат да го искористат од 1 јули 2024 година до 30 септември 2025 година за патување до 30 дена во Европа. Со билетот добиваат и попусти за јавен превоз или за некои настани и институции од европската култуира. Лицата со попреченост имаат поддршка за време на нивните патувања.
Програмата на ЕУ за млади постои од 2018 година. Оттогаш, повеќе од милион апликанти се пријавиле за 284.000 достапни билети. Околу 72% од нив рекле дека првпат патуваат со воз надвор од нивната земја.