More

    Европската комисија очекува инфлација од 2,6% во 2025 година

    spot_img

    По подолг период на стагнација, економијата на ЕУ остварува скромен раст, а во исто време продолжува намалувањето на стапката на инфлација, се наведува во есенската прогноза на Европската комисија за економските перспективи во блокот.

    ЕК во извештајот предвидува раст на БДП во 2024 година на 0,9% на ниво на цела ЕУ и од 0,8% во Еврозоната. За следната година се прогнозира економски раст од 1,5% во ЕУ и 1,3% во Еврозоната, додека за 2026 година се проценува зголемување на БДП од 1,8% на ниво на целиот блок и од 1,6%  во еврозоната во 2026 година.

    Во однос на стапката на инфлација се предвидува нејзино намалување на ниво на ЕУ на крајот на годинава од ланските 6,4 на 2,6%, а во следните две години се прогнозира нејзино натамошно намалување на 2,4% во 2025 и 2% во 2026 година.

    Кога станува збор за Еврозоната, ЕК проценува намалување на инфлацијата од ланските 5,4 на 2,4% годинава, на 2,1% во 2025 и на 1,9% во 2026 година.

    Се предвидува и зголемување на инвестициите, враќање на профитот и подобрувањето на условите за кредитирање.

    „Севкупно, се предвидува домашната потрошувачка дополнително да го поттикне економскиот раст. Во 2025 и 2026 година, извозот и увозот се очекува да растат со исто темпо, што подразбира неутрален придонес на нето трговијата на растот“, се додава во есенската прогноза на Еврокомисијата.

    Во извештајот се прогнозира пазарот на труд во ЕУ да остане силен во следните две години, со рекордно ниска стапка на невработеност. Така, се предвидува вработеноста да продолжи да расте, иако со забавено темпо. За годинава се прогнозира раст на стапката на вработеност од 0,8% во ЕУ и 0,9 % во Еврозоната, додека во 2026 година таа би се свела на 0,5% на ниво на блокот и на 0,6% во зоната на еврото.

    Откако минатиот месец стапката на невработеност во ЕУ достигна историски најниско ниво од 5,9%, ЕК прогнозира дека на ниво на цела 2024 година таа ќе изнесува 6,1%, по што ќе се намали на 5,9% во 2025 и 2026 година. Во Еврозоната, пак, се предвидува стапката на невработеност годинава да изнесува 6,5% и да се намали на 6,3% во следната и во 2026 година.

    Во однос на буџетскиот дефицит за ЕУ се прогнозира годинава тој да се намали на ниво од 3,1% од БДП, како и на 3,0% во 2025 и 2,9 во 2026 година. Во Еврозоната пак се предвидува дефицит од 3,0% за 2024, 2,9 за 2025 и 2,8% за 2026 година.

    Од друга страна се предвидува раст на вкупниот долг во ЕУ од 82,1% од БДП во 2023 на 83,4% во 2026 година, додека во Еврозоната тој би достигнал до 88,9%.

    Во прогнозата се нагласува дека продолжувањето на руска агресија врз Украина и интензивирањето на конфликт на Блискиот Исток поттикнуваат геополитички ризици и загрозување на енергетската безбедност, со што се зголемува неизвесноста околу економските перспективи на ЕУ. Неизвесноста и ризиците по европската економија се зголемуваат и со протекционистичките мерки на некои од трговските партнери на ЕУ, што може да влијае на нарушување на глобалната трговија.

    – На домашен план, политичката нестабилност и структурните предизвици во производниот сектор би можеле да доведат до дополнително намалување на конкурентноста и да влијаат на растот и на пазарот на трудот – оценува ЕК.

    Дополнително, според ЕК, на стапката на предвидениот раст може да влијае доцнењето на имплементацијата на Механизмот за закрепнување и отпорност, како и елементарните непогоди предизвикани од климатските промени, како неодамнешните разорни поплави во Шпанија.

    Европската комисија објавува сеопфатни економски прогнози двапати годишно во пролет и есен, покривајќи широк опсег на макроекономски и фискални варијабли за сите земји членки на ЕУ, кандидати за членство, државите од ЕФТА и другите големи пазарни и економии во развој.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img