Версајската палата е повторно евакуирана „од безбедносни причини“ и ќе биде затворена за посетители цел ден. Француските медиуми, повикувајќи се на полициски извори, објавија дека палатата е евакуирана поради закана за бомба.
„Почитувани посетители, од безбедносни причини, Версајскиот дворец денеска ги евакуираше посетителите и ги затвора вратите за денеска“, беше објавено на официјалната сметка на Версајската палата на Твитер.
Версајската палата беше евакуирана и во саботата исто така поради дојава за поставена бомба.
Франција го подигна нивото на безбедност на највисоко ниво од петокот вечерта, по убиството на учителот Доминик Бернар, кој беше избоден до смрт пред гимназијата во градот Арас, од млад човек по потекло од руската република Ингушетија. Во тој инцидент уште три лица беа тешко повредени.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Европа се соочува со оживување на исламскиот тероризам и дека „сите европски земји се ранливи“.
– Вчера повторно го видовме тоа во Брисел, сите европски земји се ранливи – рече Макрон на прес-конференција во Тирана.