Цивилите ќе можат да го напуштат опколениот украински пристанишен град Мариупол во сабота од 12 до 17 часот, соопшти руското Министерство за одбрана и соопшти дека руските војници продолжуваат со големата офанзива во Украина, цитира руската новинска агенција РИА.Министерството потврди дека руските војници го запреле огнот и отвориле хуманитарни коридори во близина на опколените градови Волноваха и големото јужно пристаниште Мариупол на Азовското Море.
Русија и Украина на разговорите во четвртокот се согласија дека треба да се воспостават хуманитарни коридори и прекин на огнот.
Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак изјави дека околу 20.000 цивили сакаат да ја напуштат Волноваха, а 200.000 сакаат да го напуштат Мариупол.
Во саботата, градоначалникот на Мариупол, стратешко пристаниште во источна Украина, упати драматичен апел за помош на опколениот град, кој е под „блокада“ и трпи „немилосрдни напади“ од руските сили.
Руската и украинската страна треба да ја одржат третата рунда преговори во текот на викендот.
„Веќе пет дена нашиот град, нашите семејства и половина милион жители трпат немилосрдни напади“, напиша градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко во телеграмата, повикувајќи на континуиран отпор.
Во градот нема струја и вода, а властите велат дека не можат да ги евакуираат ранетите. Ситуацијата се споредува со опсадата на Ленинград во Втората светска војна.
Волноваха се наоѓа околу шеесет километри северно од Мариупол.