Европската унија (ЕУ) е многу загрижена поради зајакнувањето на присуството на српската армија во близина на границата со Косово, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
„Распоредувањето на армијата долж Административната гранична линија (со Косово) е многу загрижувачко и мора веднаш да се прекине. На европскиот континент нема место за зајакнување на вооружувањето и безбедносните сили. Силите треба да се повлечат“, рече Борел во саботата на 30 септември пред група новинари од меѓународните медиуми.
Тој потврди дека е во редовен контакт со партнерите и сојузниците, вклучително и Соединетите Американски Држави (САД) и разговараат за актуелната ситуација на северот на Косово, која пред се бара деескалација и стабилизација на безбедносната ситуација.
„Минатонеделното откритие на оружје и воена опрема е многу сериозно“, рече Борел во изјавата за овие новинари.
На 29 септември, американските власти, исто така, ја изразија загриженоста на Вашингтон за „големото распоредување“ на српските војници долж границата со Косово.
„Го следиме големото српско распоредување долж границата со Косово, што претставува невидено учество на српската артилерија, тенкови и пешадиски единици. Сметаме дека ова е многу дестабилизирачки развој. Ја повикуваме Србија да ги повлече своите сили од границата и да продолжи да ги намалува тензиите“, изјави координаторот за стратешки комуникации во Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби.
Распоредувањето на српските војници долж границата со Косово доаѓа по нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска во Звечан. Косово ја обвини Србија за овој напад, која негира каква било поврзаност.
Ноќта меѓу 23 и 24 септември, маскирана и вооружена група Срби најпрвин поставила барикада на влезот во селото Бањска, а потоа ја нападнала и косовската полиција, кога еден косовски полицаец загинал, а неколку други биле повредени.
Како што покажа истрагата, дел од напаѓачите потоа ја напуштиле територијата на Косово, а дел од вооружената група се засолниле во манастирот Бањска, од каде се судриле со косовската полиција. Во овој конфликт загинаа тројца напаѓачи, припадници на српска националност.
Високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, кој нападот го оцени како „терористички чин“, го повтори ставот дека напаѓачите мора да се соочат со правдата.