Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар изјави дека целта на неговата посета е да работи со политичките лидери во регионот со цел да се постигне напредок по европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, истакнувајќи дека тоа е договор за нормализација, а не за признавање. Тој рече дека би сакал договорот да биде постигнат оваа година. Според него, од средбата во Охрид не се очекува потпис.
Ескобар на прес-конференција во Белград рече дека ставот на САД е дека европскиот предлог е најдобрата можност за напредок во процесот на нормализација.
„Очекуваме страните да бидат сериозни, флексибилни и конструктивни, Косово и Србија да имаат мирни, предвидливи и конструктивни односи, а од тоа ќе има корист целиот регион“, нагласи Ескобар.
Тој рече дека би сакал во оваа календарска година да се постигне договор за нормализација. „Мислам дека тоа е можно“, изјави Ескобар за новинарите во Белград на прашањето за роковите за постигнување и спроведување на европскиот договор за Косово, за кој во сабота ќе се разговара во Охрид.
Тој вели дека од средбата во Охрид не се очекува потпис, но се посакува договор како да се оди напред.
Ескобар рече и дека би сакал српската заедница да учествува на изборите во Косово, како и Србите да учествуваат во сите институции на Косово.
Според него, Заедницата на српските општини е важен чекор во односите меѓу Србија и Косово и јасно е дека тоа е обврска предвидена во бројни документи.