More

    Екстрадицијата на Љупчо Палевски – Палчо од Република Турција во Република Македонија, кој е осомничен за убиствата на Вања и Панче, може да трае од 2-3 месеци до 1 година

    spot_img

    Екстрадицијата на Љупчо Палевски – Палчо од Република Турција во Република Македонија, кој е осомничен за убиствата на Вања и Панче, може да трае од 2-3 месеци до 1 година, бидејќи со оглед на тоа што осомничениот е фатен од страна на турските власти, постои законски предвидена процедура што треба да ја почитуваат турските власти.

    Турските власти ќе треба да утврдат дека уапсениот, чија екстрадиција се бара, не е турски државјанин и дека делото поради кое се бара не е извршено на територијата на Турција, дека не е против турската држава или против турски државјанин.

    Исто така делото за кое се бара екстрадиција на осомничениот треба да е кривично дело и според турскиот и според македонскиот закон. Потоа ќе треба да утврдат дека не настапила застареност на кривичното дело или застареност на извршувањето на казната, како и дека тоа дело не е опфатено со амнестија по македонските закони.

    Странецот (во Турција), во случајов Љ.П. чија екстрадиција се бара, треба да не е веќе осуден од македонските судови за истото дело, или да не е правосилно ослободен за истото дело, освен ако се исполнети услови за повторување на постапката, или пак за него да е поведена кривична постапка во Турција.

    Мора да биде утврдена идентификација на лицето чија екстрадиција се бара, како и да има доволно докази за основано сомнение за лицето чија екстрадиција се бара. Да има доволно докази дека го сторил кривичното дело или, пак, дека постои правосилна пресуда.

    Калајџиев: Процедурата е послоевита, па екстраицијата може да се случи за 2-3 месеци

    Според професорот Гордан Калајџиев доколку Палчо беше уапсен во некоја членка на европското семејство ќе беше донесен во земјава за краток временски период бидејќи земјите членки имаат меѓусебна доверба.

    – Со Турција имаме послоевита процедура која не е толку брза колку што се надева јавноста – вели Калајџиев за Канал 5.

    Како што објаснува Калајџиев, откако формално ќе се испрати барањето, се бара и естрадициски притвор за осомниченото лице. Рокот е 18 дена, а во покомплицирани случаи може да биде најмногу 40 дена.

    – Имаме меѓународни билатерални договори со Турција, имаме Европска конвенција, имаме домашни закони што покриваат празнини за делот од процедурата, и тука и таму – рече професорот.

    Според објаснувањето на Калајџиев, нивната процедура бара прво локален суд да одлучи за самото апсење. Потоа за самата екстрадиција кон Макеоднија одлучува висок Кривичен суд, таканаречен сериозен суд или суд за тешки кривични дела.

    – Ако судот го пушти, политички не може веќе да биде екстрадиран, значи има двоен филтер, а ако судот одобри екстрадиција има право на жалба. Па после почнува административниот дел,  кадешто кај нив за разлика од многу држави  кадешто одлучува само министерот за правда, на барање на министерот за правда одлучува министерски совет – додава Калајџиев.

    Според него, роковите се кратки и некаде за околу 2 до 3 месеци целата постапка би требало да заврши.

    – Вообичаено, доколку би било некое најобично убиство, не би очекувал проблеми. Таму кадешто има политички реперкусии, знаете со „Монструм“ секогаш имаме една таква сензитивна страна. Има повеќе услови, од правни и формални, до малку софистицирани и политички, коишто се тешко мерливи. Политичкиот дел зависи од многу работи и од тој аспект е многу важно каква е традицијата на соработка со државата од која се бара есктрадицијата – рече Калајџиев.

    Српската адвокатка Добричанин вели дека процедурата може да трае и една година

    фото: Принтскрин

    Една од најдобрите адвокатки во Србија, Зора Добричанин, во разговор на телевизијата К1 за убиството на Вања, објаснува како тече постапката за екстрадиција на осомничениот.

    – Постапката за екстрадиција зависи од тоа дали осомничениот ќе се согласи да биде екстрадиран по поедноставена постапка или ќе побара екстрадициска постапка. Тој ќе биде сослушан пред истражен судија, кој ќе го извести дека земјата на неговото државјанство е заинтересирана за него поради одредено кривично дело, а обвинетиот тогаш има можност да се согласи или да одбие екстрадиција, под услов да се изведат докази кои ќе бидат доставени до земјата во која бил притворен. Оваа постапка може да потрае и до една година, дури и во случај на поедноставени постапки кои обично траат од два до четири месеци. Доколку осомничениот одбие да биде екстрадиран во Македонија наведувајќи безбедносни причини, должен е да докаже дека му е загрозена безбедноста. Судот може да одлучи за екстрадиција, по што лицето има право на жалба. Во жалбената постапка решението може да се поништи, а конечната одлука ја донесува Министерството за правда на земјата во која лицето е приведено. Иако сите судски органи можат да поддржат екстрадиција, конечната одлука ја носи Министерството за правда. Истрагата бера да се обезбеди интегритет на законските докази. Зачувувањето на континуитетот на доказните факти, од местото на злосторството до судницата, е суштински елемент во остварувањето на правдата. Особено е важно да се избегне нарушување на доказниот континуитет и контаминација на доказите, што претставува заеднички интерес на сите – заклучи адвокатката Зора Добричанин.

    Министерот Лога го потпиша барањето за екстрадиција, а од Правда ја објаснија процедурата

    Од Министерството за правда информираат дека од досегашната пракса нашата држава немала никакви проблеми со екстрадициите до Турција. Министерството побарало од турските власти, Палевски да биде сместен во екстардициски притвор се додека не заврпи постапката и не биде изведен пред македонските судови и лицете на правдата.

    Во официјалното соопштение се додава дека Министерството за правда завчера во 9.20 часот добило официјално известување од Интерпол дека лицето Љупчо Палевски, барано со меѓународна потерница, е лишено од слобода во Турција. Министерството за правда вчера ја почна постапката за екстрадиција и ги собира сите документи од институциите што се потребни за нејзина реализација. Направени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје за да се комплетираат уредно списите за да може Министерството за правда да постапува.

    „Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција“, се потенцира во соопштението. Притоа, таксативно се набројува кои ќе бидат следните активности на Министерството:

    1 Треба да ги примиме списите,

    2. Треба да се подготви барање за екстрадиција,

    3. Сите документи треба да се преведат на турски јазик (ОЈО ги преведува своите, а Министерството за правда барањето за екстрадиција),

    4. Се праќа по ДХЛ (претходно праќаме електронски преку Интерпол),

    „Во однос на законската постапка за екстрадиција ве информираме дека Министерството за правда постапува по добиено известување дека лице барано по меѓународна потерница е лоцирано или лишено од слобода во странска држава. Откако ќе се добие тоа известување (најчесто од МВР – СМПС – ИНТЕРПОЛ) се прибавуваат списи од органот кој ја издал наредбата да се распише меѓународната потерница. Кога ќе се добијат списите од органот кој ја издал меѓународната потерница се пристапува кон изготвување барање за екстрадиција. Министерот за правда, или лице овластено од него, го потпишува барањето за екстрадиција. Потоа комплет списите се праќаат до централниот орган (најчесто Министерство за правда) на државата каде што е бараното лице. По завршување на постапката пред странската држава се договара преземање на лицето преку министерствата за внатрешни работи (канцелариите на ИНТЕРПОЛ). За сите активности Министерството за правда ќе ве информира навремено“, пишува во официјалното соопштение на Министерството.

    Министерот за правда Кренар Лога вчера го потпиша барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски, а откако ќе биде преведено на турски јазик, веднаш ќе биде испратено до турските власти, соопшти Министерството за правда.

    – Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција и постапување од нивна страна во најкус можен рок по што Љупчо Палевски ќе биде изведен пред органите на правдата во нашата земја – изјави Лога.

    Обвинителството го изготви барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски

    Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, завчера беше уапсен во Турција, а за останатите четворица осомничени судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје определи мерка притвор од 30 дена по барање на Јавното обвинителство, кое отвори истражна постапка, за две убиства на свиреп начин по кривичната пријава добиена од Министерството за внатрешни работи. Ова се последните информации кои ги соопштија надлежните во врска со убиствата на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

    Како што соопштија претходно од Основното јавно обвинителство Скопје, истражната постапка се води против пет лица, од кои четворица како соизвршители, сториле две кривични дела „грабнување“ и две „убиства на свиреп начин“, додека петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img