Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка ќе биде готов до крајот на годината, изјавија денеска директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кои беа на увид на градежните работи.
Патот кој е долг 25 километри, како што рече директорот на државни патишта, е почнат да се гради во 2018 година и досега се реализирани 80% од работите.
– Патот се гради во два Лота и тоа од Страцин до Длабочица во должина од 15 километри и од Длабочица до Крива Паланка во должина од 10 километри. Досега процентот на изградба на едниот Лот е 71%, а кај другиот Лот е околу 90%. Очекуваме до Нова година да биде завршен – рече Трајановски.
Вкупно за овој пат треба да се потрошат 93,7 милиони евра, додаде Трајановски кој смета дека со неговата изградба ќе се подобрат врските на регионот во кој се гради со остатокот од земјата и ќе биде поврзување на земјава со соседна Бугарија.
Министерот Николоски рече дека патот многу бавно се градел од неразбирливи причини и досега не се завршена целосна експропријација на земјиштето каде што ќе поминува патот, но има и низа други проблеми околу изградбата.
– Но јас реков ќе правиме што ќе правиме и овој пат ќе биде завршен до крајот на годината – рече Николоски.