Реализацијата на идејата на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев за изградба на голем батериски систем за чување на вишоците од струја произведена од сонце и би придонел за балансирање на енергијата би чинела 30 милиони евра за 100 мегавати, појаснуваат од Фероинвест, компанија која веќе 2 години работи на батериски систем за складирање на електрична енергија.
За енергетските експерти идејата е добра и треба да се реализира бидејќи на државата ѝ е потребен систем кој ќе ја балансира струјата, посебно откако јагленот ќе биде отфрлен како извор за производство на струја. Но, велат тие, струјата од сончева енергија, наместо во батериски системи, треба да се складира како хидроген (водород) кој подоцна може да се користи за производство на струја.
Идејата е прифатлива и за повеќето бизнисмени кои веќе се интересираат за проектот. Дел од помалите инвеститори пак велат дека нема потреба да инвестираат во ваков систем бидејќи нивното производство е наменето за сопствени потреби и имаат мали вишоци за продажба.
Анѓушев овој проект го најави деновиве на прослава на годишнината на „Фероинвест“ како помош од стопанството за да може државата полесно да ја помине енергетската транзиција во услови кога ХЕЦ „Чебрен“ не е изградена, а РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј треба да се затворат поради употребата на јагленот во производство или да се префрлат на погон на гас.
– Токму енергетската транзиција е можност за обединување, ние мора да најдеме начини во иднина да се справуваме со вишоците и кусоците на енергија, затоа ни треба голем систем за балансирање. Давам предлог до сите најголемите стопанственици, до сите кои сакаат да инвестираат, да формираме заедничко акционерско друштво и да изградиме голем батериски систем од 100-200 MWh, кој ќе биде гаранција дека енергетската транзиција ќе успее – рече Анѓушев.
Замислата е во проектот да учествуваат сопственици на фотоволтаични централи, но и други инвеститори кои би сакале да вложат во акционерското друштво.
– Секој кој има фотонапонска електрана на овој начин ќе биде заштитен. Нема да мора неговата електрична енергија, произведена во часовите кога има вишок енергија, да ја продава по ниска цена, туку ќе може да ја складира во овој систем. Но, во ваквото Акционерско друштво можат да инвестираат и компании и инвеститори кои немаат фотонапонски или други електрани туку едноставно сакаат да вложат во инвестицијата – велат од Фероинвест.
Оттаму додаваат дека принципот на работа ќе се состои во полнење на батерискиот систем во часовите кога има вишок на производство на електрична енергија од фотоволтаици и потоа празнење на батеријата, односно давање на енергијата во мрежата во часовите кога ќе има недостиг од струја, односно кога ќе има побарувачка и цената ќе биде повисока.
– Инвестицијата ќе се исплаќа во разликата во цената по која ќе се полни и ќе се празни батерискиот систем. Оваа инвестиција може да дава и системски услуги на систем-операторот МЕПСО-секундарна и терцијарна регулација. Тоа што е уште поважно од самата исплатливост на ваквиот батериски систем како инвестиција, е тоа што овој систем ќе овозможи и понатаму да се градат електрани на обновливи извори на енергија (ОИЕ), кои без ваков систем во иднина ќе ја изгубат својата физибилноста, односно нивното градење ќе биде неисплатливо – велат оттаму.
Професорот Константин Димитров вели дека идејата е добра бидејќи ќе биде исплатливо производството на струја од сончева енергија во летниот период кога се создаваат огромни вишоци, а цената на струјата е многу ниска.
– Јас веќе предлагав законски да биде утврдено секоја фотоволтаична централа да мора да инвестира во 20 до 30% од капацитетот во батериски системи, за да може квалитетно да ја употребува и селектира енергијата. Тоа е добро и за балансирање на струјата во земјата што требаше да биде со ХЕЦ „Чебрен“ како домашна хидроцентрала не како странска инвестиција, бидејќи термоелектраните на јаглен или треба да се затворат или модернизираат. Овој систем ќе придонесе за балансирање и стабилност на електро-енергетската мрежа, покрај тоа што ќе ја насочи произведената обновлива енергија во периоди кога побарувачката е најголема. Секако, покрај овие идеи може да се размислува и за производство на водород од вишокот на енергија и потоа да се произведува енергија – вели Димитров.
Според него не е важно каков ќе биде системот на организирање и управување на тој батериски систем.
– Може да биде акционерско друштво или секоја централа да има батериски систем, а може да биде посебна компанија со ваква дејност. Важно е да биде остварена целта квалитетно да се користи оваа струја – додава тој.
Енергетичарот Маријан Ненов вели дека идејата за изградба на голем батериски систем е добра за компаниите кои произведуваат струја од сонце бидејќи им овозможува струјата да ја пласираат по повисока цена.
– На овој начин фотоволтаичните централи ќе ја продаваат оваа струја за повисока цена и ќе имаат можност да ја складираат во текот на денот додека на берзата порасне цената на струјата, посебно во летниот период кога берзанската цена на струјата од фотоволтаични централи достигнува и 0 евра. Но сметам дека батериските системи сè уште се штетни за околината и не треба да се користат. Мое мислење е дека оваа струја од сончева енергија треба да се користи за производство на хидроген кој подоцна ќе се произведува во струја која ја користат голем број возила – вели Ненов.
Бизнисмени кои изградија фотоволтаични централи за свои потреби и на кои им остануваат вишоци во одреден период од денот, велат дека инвестирањето во ваков батериски систем треба да биде според производството што се пласира на слободен пазар и интересот на компаниите.
– Инвестирањето во ваков систем зависи од тоа колку од произведената енергија се користи за сопствени потреби, а колку останува за слободен пазар. Компаниите кои користат 90% од енергијата во процесот на производство нема логика да инвестираат во ваков голем батериски систем, но ако поголемиот дел од струјата им оди на слободен пазар, тогаш треба да размислат за оваа идеја која во основа е добра и им дава можност подобро да ја продадат струјата – вели Ангел Димитров, од конфекцијата „Мода“ од Свети Николе, која изгради две фотоволтаични централи за сопствени потреби.
Компаниите кои веќе пласираат батерии за фотоволтаичните централи велат дека инвестицијата за поединечна електрана се движи до 70% од целосната инвестиција во фотоволтаичната централа.
Вакви системи за складирање на енергија веќе се имплементирани во скандинавските земји, во Германија, во Франција и други. Лани во Белгија почна изградбата на проектот кој е најавен како најголем батериски систем за складирање енергија во светот (BESS), со капацитет од 25MW/100MWh. Системот за складирање енергија е на база на литиум-јонски батерии на компанијата Nala Renewables.
Nala Renewables е заеднички проект на трговецот со берзанска стока Trafigura и на компанијата IFM Investors, односно станува збор за заеднички проект на Јапонија и Белгија. Во проектот се инвестирани 30 милиони евра. Исто така, и локалната фламанска влада инвестира 1 милиони евра од фондот за стратешка поддршка на заштитата на локалната животна средина.