Приврзаниците на опозицијата и полицијата во Абхазија денеска се судрија кога демонстрантите се обидоа да упаднат во парламентот во главниот град Сухуми.
Полицијата формира кордон за да ги спречи демонстрантите да продолжат кон зградата откога ја урнаа оградата во близина на парламентот. Во близина на зградата се слушнале звуци слични на истрели, пренесува РИА новости.
Демонстрациите избувнаа откако парламентот го откажа разгледувањето на ратификацијата на инвестицискиот договор со Русија, што беше закажано за тој ден.
На таа одлука жестоко реагира опозицијата сметајќи дека одложувањето е чин на политичка отстапка под руски притисок.
Договорот, кој беше потпишан на 30 октомври во Москва, им овозможува на руските компании да инвестираат во Абхазија, која се соочува со сериозни економски предизвици, посочува агенцијата.
Абхазија е делумно признаена република на Кавказ, која се отцепи од Грузија по војната во 1992–1993 година. Грузија ја смета Абхазија за дел од нејзината територија, но Абхазија прогласи независност, што е призната само од неколку земји, меѓу кои Русија, Никарагва, Венецуела, Науру и Сирија.
Повеќето земји и Обединетите нации ја сметаат Абхазија за дел од Грузија.
Абхазија добива економска помош од Русија бидејќи е меѓународно изолирана. Русија има воена присутност во Абхазија, со договори за заедничка безбедност и граница.