Данска во 2025 година ќе воведе еколошка такса за авионските билети, во просек од 13,5 евра до 2030 година, соопшти Владата во Копенхаген, повикувајќи се на европската одлука за воведување таков данок.
– Сообраќајниот сектор моментално минува низ брза зелена транзиција, а со овој договор тоа се однесува и на воздухопловството. Секогаш ќе може да се патува со авион, но тоа мора да се прави на еколошки начин – изјави министерот за транспорт Томас Даниелсен, пренесуваат данските медиуми.
Надоместокот, кој ќе важи за летовите што поаѓаат од Данска, ќе биде 30 круни (4 евра) за летови на кратки релации кога ќе биде воведен во 2025 година и постепено ќе се зголемува на 50 круни во 2030 година, пренесува АФП. За средни и долги релации и еколошката такса на авионските билети ќе изнесува 410 круни (околу 60 евра) до 2030 година.
– Претпоставувам дека со текот на годините ќе имаме заедничка европска регулатива во оваа област. Тоа би бил вистинскиот начин – рече данскиот министер за клима и енергија, Ларс Агаард.
Мерката треба да овозможи финансирање на инвестиции во полза на еколошката транзиција на домашниот воздушен сообраќај, како и зголемување на пензиите за оние со најниски примања.
Еколошката такса на авионските билети треба да донесе приход од околу 2 милијарди евра годишно.