Екипи на Зимската служба на Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“ во текот на изминатата ноќ започнаа со активности за чистење на снегот и посипување на индустриска сол на сите критични точки и булевари низ градот.
Во текот на ноќта, на терен биле ангажирани седум специјализирани возила, кои посипале 45 тони индустриска сол на критичните точки и главните градски сообраќајници. Интервенции биле извршени на булеварот Александар Македонски, улиците Радишанска, Индира Ганди, Коце Металец, како и на Христо Татарчев кај последната автобуска станица на линијата 24.
Од Град Скопје информираат дека координираните активности за зимско одржување ќе продолжат и во наредните денови, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот. За тековната зимска сезона, обезбедени се 3.500 тони индустриска сол, од кои 1.000 тони се резерви од минатата сезона. Покрај тоа, обезбедени се и 200 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини.
„Коловозните ленти ќе се чистат според приоритетите, а фокусот е ставен на критичните точки, пристапите до објекти од витално значење и сообраќајниците кои се од посебно значење за функционирањето на градот“, велат од „Улици и патишта“.
Од Кризниот штаб апелираат до граѓаните, урбаните заедници и куќните совети, благовремено да ги отстранат возилата од коловозите и да ги расчистат пешачките приоди, пристапите до објектите и покривите. Нагласено е дека полицијата и комуналните инспектори ќе изрекуваат казни за непочитување на обврските согласно Законот за јавна чистота.
Посебен апел е упатен до возачите да користат зимски пневматици, со цел да се овозможи безбедност на сообраќајот во зимски услови.
Од градските власти потсетуваат дека за расчистување на сервисните улици, одговорноста е на општините.