Натпреварот од Првата кошаркарска лига помеѓу Чаир и МЗТ Скопје не се доигра откако гостинските кошаркари велат дека биле нападнати во соблекувалната на полувремето. Мечот во салата „Шабан Трстена“, беше прекинат при водство на гостите од 44:42.
МЗТ Скопје поднесе официјална жалба до соодветните структури во федерацијата откако екипата на актуелниот шампион на Македонија беше нападната на паузата меѓу двете полувремиња на вечерашниот дуел со Чаир.
„Металците“ одбија да го доиграат мечот стравувајќи за сопствената сигурност, а во официјалната жалба е наведено и дека физички нападнат бил еден од помошните тренери.
– За време на полувремето, при напуштање на терен кон соблекувална сите играчи и членови на стручниот штаб беа вербално нападнати од неслужбено лице со закани по физичко здравје. На пат кон соблекувалната физички нападнат беше член на стручниот штаб. Тој бил удрен неколку пати пред да успее да влезе во соблекувалната – се вели во жалбата поднесена до федерацијата.
Хаосот не престанал тука, бидејќи експресно потоа во соблекувалната влетале неколку лица, меѓу нив и службени претставници на домашниот тим.
– Нападот продолжи и откако екипата влезе во соблекувалната. Неколку лица меѓу кои и службени претставници на екипата на Чаир влегуваат во гостинската соблекувална и упатуваат закани кон целиот тим на МЗТ Скопје, на раб на физички напад – обелоденуваат аеродромци.
Муцунски со осуда за вчерашниот напад
Најостро го осудувам инцидентот на вчерашниот натпревар помеѓу кошаркарските клубови МЗТ Скопје Аеродром и Чаир – настан што кај сите нас предизвика сериозна загриженост. Насилството во спортот не само што го поткопува духот на натпреварувањето, туку и ја загрозува безбедноста на спортистите и навивачите“. Ова на својата фејсбук страна го напиша градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски по безбедносниот инцидент на вчерашниот натпревар кој беше прекинат поради напад од неофицијални лица врз тренерот и играчите на МЗТ Скопје Аеродром.
Тој потенцираше дека кошаркарите на МЗТ и целиот стручен штаб се спортски херои во Аеродром, а браќата Дамјан и Војдан вистински кошаркарски легенди, а задача и одговорност на сите е да промовираме спортска култура, меѓусебно почитување и здрава конкуренција.
– Кошаркарите на МЗТ и целиот стручен штаб се нашите спортски херои, а браќата Дамјан и Војдан национални кошаркарски легенди. Гарантирањето на нивната безбедност и овозможувањето на фер игра се наша обврска и задача. Дополнително, одговорност и задача на сите нас, како заедница и општество е да промовираме спортска култура, меѓусебно почитување и здрава конкуренција – истакна градоначалникот Муцунски.
Имајќи ја предвид сериозноста на вчерашниот инцидент, градоначалникот побара од Кошаркарската федерација и останатите надлежни институции да ги преземат сите неопходни мерки за негово целосно расчистување и нагласи дека неопходно е во иднина сите заедно да работиме на спречување на секоја форма на насилство и агресија на спортските терени.
Чаирчани контра МЗТ Скопје
Од екипата на Чаир велат дека гоститите од Аеродром го измислиле инцидентот.
– Одличен натпревар со одлична атмосфера, полна сала и вечер која долго ќе остане во нашето сеќавање бидејќи се потврди дека Чаир е храм на спортот. Кога во прашање се лажните информации кои се појавија во јавноста целосно демантираме. Натпреварот се снима од сите агли и од многу медиуми. Таканаречениот „инцидент“ е измислен е од противничкиот тим во моментите кога губат, тие објавија нереални работи. Гарантираме дека немаше физички контакт во ниту еден момент – објави Чаир.