Прогласувањето на официјален албански јазик во Северна Македонија и првиот премиер Албанец во Црна Гора се големи достигнувања кои донеодамна не беа замисливи – рече албанскиот премиер Еди Рама во обраќање на заедничка седница на парламентите на Албанија и на Косово, која се одржа денеска во Тирана по повод одбележувањето на 110-годишнината од независноста на Албанија.
Тој оцени дека ќе има конечно признавање на Косово и дека за тоа нема долго да се чека.
– Верувам дека неговото конечно признавање ќе дојде порано и дека Косово нема да чека онолку долго колку што чекаше да ја прогласи својата независност, за конечно да биде меѓународно признаено и да биде присутно во секој случај на целата заедничка организација на светот во кој живееме – рече Рама.
Косовскиот премиер Албин Курти, кој се обрати пред Рама, порача дека Приштина и Тирана не треба да се среќаваат само на празници, туку треба почесто да работат заедно и да ги прифаќаат меѓусебните критики.
– Нашиот простор, култура и економија не се феуди што некому му припаѓаат. Треба почесто да бидеме заедно, не само на прослави. Мораме да споделуваме идеи меѓу себе и да ги прифаќаме критиките, да работиме меѓусебно – рече Курти.
Курти изјави дека нивните предци се бореле за дом на сите Албанци, отворен за пријателите кои придонесуваат за мирот.
– Во Приштина со нетрпение го очекуваме секој успех на Албанија, која направи големи чекори напред. Сигурен сум дека и вие сте подеднакво среќни за нашите успеси, нагласи тој.
Пред обраќањето на Рама собраниската сала ја напуштија пратениците на Демократската партијата приврзаници на Сали Бериша, кому на беше дозволено обраќање.