Бројот на жртвите од лизгање на земјиштето во оддалечен дел на југозападна Кина денеска се искачи на 20, објавија државните медиуми. Спасувачите се уште се обидуваат да најдат луѓе затрупани под урнатините.
Свлечиштето однесе 18 куќи во округот Женџонг, провинцијата Јунан во понеделникот наутро, по што беа евакуирани повеќе од 200 луѓе. Повеќе од 30 часа по катастрофата, досега се потврдени 20 смртни случаи, 24 лица се уште се водат како исчезнати.
Спасувачите сега водат битка со времето во потрагата по исчезнатите, бидејќи температурите паѓаа многу под нулата ноќе, пренесува кинеската новинска агенција.
Во областа се испратени 200 спасувачи и десетици противпожарни возила и друга опрема. Областа е покриена со дебел слој снег, поради што спасувачите со сите можни алатки се обидуваат да стигнат до урнатините и исчезнатите. На помош дојдоа и жителите од околните населени места, кои меѓу другото обезбедија и топли оброци.
Претседателот Си Џинпинг повика на интензивни напори за спасување на луѓето и преселување на оние кои останаа без покрив над главата, според CCTV.
Одроните се вообичаени во оддалечената и сиромашна провинција Јунан. Вчерашниот ден се случи во област опкружена со високи планини. Според Националниот метеоролошки центар, Јунан е една од неколкуте провинции на југот на земјата која моментално се соочува со студен бран со температури далеку под нулата.