38-годишниот Златко Ѓоргиев од Виница, направи подвиг што инспирира – успешно заврши маратонска трка во Базел, Швајцарија, откако пред неполни две години поради несреќа му биле извршена ампутација на двете нозе. Користејќи протези кои му овозможуваат да се движи, тој ги помина петте километри за 50 минути и 40 секунди, достигнувајќи ја целната линија на трката и докажувајќи дека нема пречки за одлучните.
Златко живее со семејството во Швајцарија, во кантонот Базел, каде што пред неколку години го доживеал трагичниот настан кој го промени неговиот живот. Во инцидентот на работното место, багер случајно му ги приклештил нозете, но брзата реакција на Итната помош и медицинската екипа го спасиле неговиот живот. Во интервју за МИА, Златко го раскажува патот на предизвиците, силата за рехабилитација и мотивите кои го водат напред.
– На 13 март минатата година, животот ми се промени целосно. Тоа не беше само мојот проблем, туку и на мојата сопруга и деца. Се наоѓав под камион, и иако реагирав, не можев да избегам. Благодарен сум што преживеав – вели Ѓоргиев.
За него, рехабилитацијата беше многу повеќе од медицински процес. Во Швајцарија, Златко имал пристап до специјализирани центри за физикална и психолошка поддршка, кои му помогнале да го надмине периодот на опоравување. Со секојдневните активности како пешачење, возење автомобил, кошарка и планинарење, тој повторно ги живее активните денови, благодарејќи на напорите на здруженија и центри кои ги нудат адаптираните спортови.
– Иако преходно тренирав бодибилдинг, велосипедизам и трчање, сега се фокусирам на предизвиците кои ми се поставени. Овие 5 километри беа доказ за мене дека можам и ќе продолжам да се бордам, без оглед на промените во животот – објаснува Златко.
Неговата историја е пример за сите оние кои се соочуваат со слични предизвици. Со пораката „Секој ден е нова можност за напредок“, Златко ја охрабрува јавноста да не се откажува, без разлика на тешкотиите.
– Не откажувајте се од вашите цели. Човечкото тело е како градина, а волјата е главниот градинар – додаде тој.