Сестрите близначки, 14-годишните Јулија и Ана Аксенченко се меѓу жртвите што беа убиени во синоќешниот руски ракетен напад врз пицерија во градот Краматорск, соопштија украинските власти.
Во објава на апликацијата Телеграм, градскиот совет изрази сочувство до родителите на девојчињата, велејќи дека „руска ракета го запре отчукувањето на срцето на два ангели“.
„Ја споделуваме тагата на вашето семејство и заедно со вас ги наведнуваме главите во длабока тага“, се вели во соопштението на градскиот совет на Краматорск.
Девет цивили загинаа во руски ракетен напад кој погоди пицерија во Краматорск. Меѓу убиените има и тројца тинејџери – двете сестри близначки и една засега неименувана 17-годишна девојка.
Во нападот се ранети повеќе од 60 лица, соопштија украинските власти, додавајќи дека меѓу повредените има и осуммесечно бебе. Седум лица се извлечени од урнатините на пицеријата, соопшти украинската служба за итни случаи.
Синоќешниот напад на Краматорск не е првиот што го претрпе градот. Минатата година во април, 63 лица, меѓу кои и деца, загинаа кога ракети ја погодија железничката станица во Краматорск.
Украинските власти тогаш изјавија дека илјадници луѓе биле на фреквентната станица, чекајќи возови за евакуација, очајнички обидувајќи се да избегаат од тешкото руско гранатирање низ источниот регион Доњецк.
Краматорск веќе доживеал многу руски напади врз своите жители, бидејќи е на само околу 40 километри од фронтот и се користи како клучен логистички центар. Овој пат мета беше преполна пицерија, а според објавените информации, нападот бил извршен со руската балистичка ракета „Искандер“.