Дванаесет новонарачани музички дела ќе бидат изведени на крунисувањето на британскиот крал Чарлс Трети во Вестминстерската опатија во мај, вклучително и грчката православна музика, соопшти Бакингемската палата, а ќе биде изведен и Zadok the Priest од 18. век.
За таа пригода се нарачани шест оркестарски, пет хорски и едно дело на оргули, соопшти палатата, вклучително и новата химна на крунисувањето на импресариото Ендрју Лојд Вебер.
„Различните музички стилови и изведувачи ги спојуваат традицијата, наследството и церемонијата со новите музички гласови на денешницата, како одраз на долгогодишната љубов и поддршка на кралот кон музиката и уметноста“, се вели во соопштението на палатата.
Исто така, се наведува дека Чарлс побарал грчката православна музика, која може да се следи се до византискиот период, да биде вклучена во службата како почит кон неговиот татко, принцот Филип, кој е роден на Крф.