Денеска во Скопје ќе се одржат два протеста, при што полицијата воведува посебен режим на сообраќај на неколку локации. Првиот протест започнува во 14 часот кај крстосницата помеѓу булевар „Никола Карев“ и улица „Прохор Пчињски“ во Чаир, а вториот, со почеток од 16 часот, е протестен марш кој ќе се движи од Министерството за животна средина до Владата.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека засега не е познато кој ќе протестира во Чаир. Од друга страна, вториот протест е иницијатива „За чист воздух“ организирана од еколошки здруженија.
„Апелираме до сите граѓани да ги почитуваат наредбите на полициските службеници, со цел протестите да се одвиваат мирно и безбедно“, изјавија од СВР Скопје.
Трасата на протестниот марш ќе почне од Министерството за животна средина, продолжува кон Собранието, улицата „Димитрие Чуповски“, улицата „Васил Главинов“, па до Владата на булевар „Илинден“.
Полицијата најави дека ќе преземе мерки за да го обезбеди мирот и редот за време на протестите.