Два нови вида и еден род гастроподи (полжави), кои до сега не биле забележани и идентификувани, се откриени на изворите на Охридското Езеро кај Св. Наум по повеќегодишно истражување во рамки на проектот Извори Св. Наум – Биолошка и Инвенторизација на екосистемските услуги, финансиски поддржан од УНЕСКО, Канцеларијата за образование и наука во Венеција и добротворната фондација АБРНД.
– Како најголем дострел во рамките на овај проект, покрај другите успешно реализирани активности, Јавната установа Национален Парк Галичица (имплементатор на проектот) се здоби со нови информации за постоењето на два нови видови и еден род на гастроподи (полжави) кои до сега не биле забележани и идентификувани. Нивната идентификација беше направена во соработка со Универзитетите во Белград, Подгорица и Лодз (Полска) и вклучуваа морфолошки и генетски испитувања – вели Константин Здравески, соработник за алтернативни активности и проектен лидер од Јавна установа Национален Парк Галичица.
Здравески вели дека ова откритие укажува на фактот дека и покрај огромниот притисок врз изворите Св. Наум, сепак екосистемот има изградено оптимално ниво на отпорност и сè уште се бори со негативните ефекти на влијанијата.
– Ова откритие исто така претставува и посебно предупредување дека е крајно време да се воспостави ефикасна и ефективна заштита, во вистинска смисла на зборот, на овој навистина уникатен екосистем со кој сите ние се гордееме – вели советникот Здравески.
Првиот од двата новооткрени видови полжави е именуван како Ancylus naumiensis n. sp., вид кој за прв пат беше забележан во 1996 како „Ancylus sp. D“, но не беше потврдена неговата посебност и карактеристики на нов вид, заради недостиг на морфолошко-таксономски податоци.
Уште поголемо е значењето и откритието за вториот вид- Ohridonaumia trajanovski n. sp кој е целосно новоопишан, и тоа не само како вид туку и како род, кој за прв пат се спомнува за Изворите Свети Наум.
Уште еден куриозитет за овој вид е неговата номенклатура. Видот е именуван според проф. д-р Сашо Трајановски (Ohridonaumia trajanovski), еминентен и истакнат научен работник од Хидробиолошки институт Охрид, во чест на неговата двеиполдецениска посветена заложба за заштита и промоција на Охридското Езеро и неговиот уникатен жив свет.
– Описот и на двата вида, нивната ендемска природа и посебност повторно покренуваат низа научно-интригантни прашања за нивната еволутивна генеза, но и улога во деликатната рамнотежа на овој воден рај. Истите ја потврдуваат посебноста на изворите како извонредна природна креација и ја потенцираат потребата од нивна хитна, неодложна и долгорочна заштита – вели Здравески.