Во буџетот има пари за зголемување на минималната плата и во декември, како што бара Синдикатот, покрај законското зголемување од 2.000 денари во март следната година.
Министерот за економија Бесар Дурмиши вели дека сака минималната плата да се зголеми на 600 евра, но треба договор и законски измени и за барањето на Синдикатот минималната плата да биде 450 евра.
– Ако во рамките на Економско-социјалниот совет договориме да се зголеми минималната плата, претходно треба да се смени Законот за минималната плата. Кога ќе се направат измените, може да се зголеми минималната плата на 450 евра. Има политичка волја. Што се однесува до мене, јас сакам минималната плата да биде 600 евра – рече министерот Дурмиши денес одговарајќи на новинарски прашања на конференцијата „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“.
Дали минималната плата може да се покачи на 450 евра, Економско-социјалниот совет ќе одлучува на седница во декември. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, вели дека аргументите се на нивна страна.
– Дијалогот во однос на минималната плата е отворен. Аргументите се на наша страна. Ако знаете дека во Црна Гора минималната плата е веќе 800 евра, ако знаете дека минималната плата во Босна од 1 јануари ќе биде 600 евра, ако знаете дека во Србија е 454 евра, мислам дека синдикалната минимална кошничка, која изнесува 62.000 денари, покажува дека платите мора да се зголемат. Разговараме во однос на ова прашање поврзано и со мерките на Владата за ограничување на маржите на производите и мислам дека на наредната седница на Економско-социјалниот совет ќе ги презентираме нашите аргументи со кои располагаме за да ги убедиме бидејќи мораме да се убедуваме за потребата од растот на сите плати, вклучително и растот на минималната плата – рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Тој потсети дека што побргу мора да се направи исчекор за раст на платите и очекува Владата на ист начин како што ги покачи платите во образованието и здравството, ќе успее до крајот на годината да ја исправи неправдата за сите работници што не добија усогласување на платите оваа година поради изборите.