Државниот пазарен инспекторат соопшти дека за една недела, (од 27.03 до 09.04.2023 година) извршил повеќе од 1.100 инспекциски надзори и издал 230 прекршочни казни во вкупна вредност од 7.727.000 денари.
Од изречените прекршоци, 50 се според Законот за трговија, 32 според Закон за угостителска дејност, 26 по Закон за заштита од пушењето, 80 според Закон за финансиска дисциплина и 16 според Законот за енергетика
„Во горенаведениот период на територија на Република Северна Македонија се извршени над 280 инспекциски надзори и контроли по Одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговија на мало и Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед. Во некои економски субјекти констатирани се прекршоци за што се издадени прекршочни платни налози во висина од над 110.000 денари.
Државниот пазарен инспекторат и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори по Одлуките на Владата. Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној кој се обидел на било каков начин да изврши прекршување на овие Одлуки.
Како институција ќе ги ангажираме сите расположливи ресурси за тековно постапување и спроведување на законските регулативи од кои произлегуваат нашите надлежности. Пазарниот инспекторат постојано врши надзори и постапува во согласност со законите, годишниот и стратешкиот план за работа. Дополнително, покрај редовните контроли, постапува и по пријави доставени од граѓаните и им излегува во пресрет за секое прашање поврзано со нашите надлежности и делокруг на работа.
Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран. Надзори се вршат постојано, а пазарниот инспекторат функционира со својот полн капацитет“ – се вели во соопштението на Државниот пазарен инспекторат.