Дронот кој синоќа падна во Загреб веројатно е од советско руско потекл, тип Ту-141, а по социјалните мрежи се шпекулира дека наместо да ја следи локацијата Јаран во Украина, отишол накај Јарун во Хрватска. Додека уште не се знае дали го користела украинската или руската армија, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ потврди дека се работи за руско производство.
– Според она што сега го имаме како информација, се работи за авион од руско производство. Не се знае дали бил во сопственост на руската или украинската армија – изјави Пленковиќ.
– Се знае дека во Хрватска дронот дошол од правец на Унгарија, а во Унгарија од правец на Романија. Знаеме дека неколку минути ја прелетувал Хрватска и паднал во Загреб. Добро е што никој не е повреден и што паднал во дел што не е ниту куќа ниту зграда. Надлежните служби спроведуваат истрага – изјави хрватскиот премиер.
– Во тек е криминалистичка истрага во соработка меѓу криминалистичката полиција и воената полиција, а се преземаат и други мерки за координација на безбедносниот и одбранбениот систем, вклучително и меѓународната соработка, особено со НАТО, за да се утврдат сите околности – наведоа од Владата на Хрватска.
Претходно беше објавено дека на земјата е видлив голем кратер и дека очигледно нешто удрило и експлодирало. Полициската управа на Загреб соопшти дека добила повеќе пријави од граѓани дека почувствувале детонација во поширокото подрачје на Јарун. Местото го обезбедува полицијата и истрагата е во тек.
Засега полицијата нема пријави за повредени на поширокото подрачје на местото на инцидентот. Оштетени се неколку паркирани возила.