На воените бродови на Кралската морнарица на Велика Британија до 2027 година ќе има ласер кој ќе може да соборува непријателски дронови и проектили во услови на зголемена закана од конфликти, објави британски Телеграф.
Оружјето „Драгон фајр“ (DragonFire) може да се користи уште порано во Украина бидејќи украинската војска бргу ја следи „современата“ технологија, а еден истрел чини 10 фунти.
„Производството на ласерот е забрзано од Министерството за одбрана (МО) како одговор на зголемената закана од напади со беспилотни летала поврзана со два големи конфликта“, објави британската влада.
„1 фунта на 1 километар“
Научниците од британската одбранбена лабораторија „Протон даун“, скратено ДСТЛ (Porton Down – DSTL), работеле со индустриски експерти во последните месеци за да го трансформираат ласерското оружје од лабораториски експеримент во речиси подготвено за бојно поле.
Секретарот за одбрана, Грант Шапс, во четвртокот рече дека оружјето, кое може да погоди паричка од 1 фунта на 1 километар далечина, „може да има огромни последици“.
Тој рече дека доцнењето во развивањето нови технологии за оружје е „најголемото трошење пари во одбрана“.
– Секогаш кога има одложување, има и трошок. Сакам да го забрзам она што обично би било многу долг процес, кој трае можеби и до 10 години, до многу пократок временски рок и да го применам, потенцијално на бродови и на копно – рече Шапс.
„Правиме нешто посебно“
Секретарот за одбрана рече дека Обединетото Кралство планира да го додаде „Драгон фајр“ во својот арсенал до 2027 година, но работи на тоа дали може порано да испрати прототипи во Украина, дури и ако тие не се 100% рафинирани.
– Сигурен сум дека тука правиме нешто многу посебно, на ниво кое другите земји веројатно нема да го повторат бидејќи е толку врвно. Производот е неколку години понапред – рече тој.
Оружјето функционира така што фокусира 37 канали од 1,5 киловати ласерски зраци, распоредени во шестоаголна низа, и ги комбинира со огледала за да се спојат и да ја засилат моќта, физички феномен познат како конструктивна интерференција.
Постар ласерски физичар во ДСТЛ, Тим Кендал, кој помогна во изградбата на „Драгон фајр“, рече дека ова создава „совршен ласерски зрак“ кој може да се испука низ телескопски леќи.
Невидлив ласер „пржи“ на 3.000 степени
Оружјето е невидливо и тивко бидејќи брановата должина на светлината е околу еден микрон, што не може да се види со човечки очи и е блиску до инфрацрвениот спектар на светлината.
Испитувањата на оружјето, изработени со систем за водење и со ласерски делови, уништија дронови и предизвикаа минофрлачи да експлодираат за помалку од 5 секунди.
Ласерот може да погоди беспилотни летала за мал дел од цената за лансирање на проектили за пресретнување, кои можат да достигнат цена од десетици и стотици илјади фунти.
„Драгон фајр“ патува со брзина на светлината. Веднаш ја претвора површината на металот во плазма со температура од 3.000 степени Целзиусови и може да ги пробие металниот лим, трупот на авионот и оружјето за неколку секунди.
„222 километри на час е бавно“
Системот е изграден со намера да ги уништи беспилотните летала, кои конфликтите во Израел и Украина ги истакнаа како најновото технолошко достигнување во модерното војување.
Но, Шапс верува дека системот е доволно моќен за да ги неутрализира проектилите кои се движат и побргу, како што се балистичките проектили.
– Не се само бавните дронови со брзина од 222 километри на час. Оружјето треба да може, во крајна линија, да соборува и скапи проектили – рече тој.
Иако технологијата не е подготвена за да се користи во битка, секретарот призна дека разговара со воени научници за тоа како Британија може да го користи ласерот на теренот во конфликт.
Тој рече дека 2027 година е целта, но дека сака да го разгледа секој аспект.
Проект-менаџерот во ДСТЛ, Мет Корк, им рече на новинарите дека „Драгон-фајр“ може да биде предаден на „корисничко експериментирање“ од страна на голем број армиски персонал во септември, при што 7-та група за воздушна одбрана ќе ја искористи технологијата.
„Копнената верзија“ на „Драгон фајр“ сè уште е наменета како копнена технологија за противвоздушна одбрана и ќе биде поставена на камион, а експертите на британската армија тогаш ќе дадат повратни информации за тоа како може да се подобри и ќе ги истакнат сите проблеми.