Доналд Трамп Јуниор, најстариот син на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, објави видео на Инстаграм како одговор на најавите дека неговиот татко ќе биде прогласен за личност на годината од магазинот „Тајм“.
На почетокот на видеото е прикажана насловната страница на „Тајм“ од 2022 година, на која е украинскиот претседател Володимир Зеленски. На видеото се гледа како нога го клоца Зеленски и го исфрла од насловната страница. Наскоро, новоизбраниот американски претседател оди на насловната страница со својот потписен танц. Се појавува и натписот: „Најголемиот на сите времиња – Доналд Џеј Трамп“.
Веќе во 2016 година, по првата победа на претседателските избори, Трамп беше прогласен за личност на годината на „Тајм“. Наградата ја добија уште 13 американски претседатели, меѓу кои и сегашниот претседател Џо Бајден.
Ова не му е прво видео во кое го исмејува Зеленски
Магазинот „Тајм“ го прогласи Зеленски за личност на 2022 година. „Успехот на Зеленски како воен водач се заснова на фактот дека оваа храброст е заразна. Таа се прошири меѓу украинското политичко раководство во првите денови од инвазијата бидејќи сите сфатија дека претседателот е со нив“, објави магазинот по тој повод.
Пред еден месец, синот на Трамп го исмејуваше Зеленски и со тоа ги зголеми шпекулациите дека неговиот татко ќе го намали финансирањето на Украина или на нејзините воени напори против Русија, по влегувањето во Белата куќа.
Трамп Џуниор потоа сподели видео на Инстаграм, објавено од поранешната републиканска кандидатка за потпретседател, Сара Пејлин.
„Уште 38 дена до губењето џепарлак“, гласи пораката на видеото на кое се гледа како украинскиот лидер стои до новоизбраниот американски претседател со тажен поглед.
Во прилог, новото видео во кое Доналд Трамп Јуниор го исмева Зеленски.