Собранието денеска изгласа законски измени со кои се утврдува плаќањето на експропријацијата на земјиштето за изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10д кои ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“. Со ова, како што е најавено, ќе се забрза изградбата на делниците.
Ова прашање, според образложението на законските измени предложени од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, не било регулирано во Законот за стратешко партнерство за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола).
„Во текот на изградбата односно спроведувањето на Проектот се наметна потребата од уредување и на начинот на исплатата на работите поврзани со експропријацијата што претставува претходен неопходен елемент со цел непречено и забрзано спроведување на Проектот кој е од јавен интерес односно изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10 д“, се наведува во образложението за потребата од измени на законот.
Со измените се предвидува исплатата на парите од буџетот на стратешкиот партнер поврзани со реализација на проектот и за извршување на работите поврзани со експропријацијата неопходна за спроведување на изградбата на коридорите 8 и 10д да се извршува преку Министерството за транспорт и врски.
„Исплатата на финансиските ресурси за спроведување на Проектот ќе се врши на Стратешкиот партнер во согласност со применливите закони, односно за работите поврзани со експропријацијата во врска со спроведувањето на Проектот ќе се врши на Инвеститорот во форма на трансфер преку Министерството за транспорт“.
Тоа значи дека пресметаниот износ на надоместокот за одземеното земјиште од страна на државата за реализацијата на патните коридори, на сопствениците ќе им се исплаќа преку Министерството за транспорт и врски.
Директорот на Јавното претпријатие „Државни патишта“, Коце Трајановски, при неодамнешниот увидот во работата на „Бехтел и Енка“ на делницата Гостивар – Букојчани, рече деца експропријацијата на земјиштето од целиот проект Коридор 8 и Коридор 10д ќе заврши до Нова година.
– Оваа обврска е преземена од претходната влада, но многу работи се дури закочени. Експропријација не може да се заврши за шест месеци, во август месец не беше ниту започната. Откако сум дојден за неполн месец ние завршивме 2.400 катастарски парцели како експроприрани. Тоа е главниот проблем за изведување на градежните работи. Кога има застој плаќаме пенали во милиони евра. Ние сме тука да ја забрзаме оваа постапка за Македонија да не плаќа пенали – рече Трајановски.
Трајановски рече дека интензивно се работи на експропријации за кои претходната влада дала рокови да бидат завршени минатата година, а средствата за таа намена се надвор од планираните 1,3 милијарди евра за изградбата на автопатиштата.