Кај тројца пациенти во земјава е откриен сојот омикрон стелт, покажало последното секвенционирање на лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје, соопштија од Министерството за здравство.
Оттаму информираат дека е извршено секвенционирање на 41 позитивен примерок на SARS-CoV-2 од следните градови: Скопје – 13, Тетово – 4, Гевгелија – 4, Велес – 3, Кочани – 3, Свети Николе – 3, Неготино -2, Кавадарци – 2, како и примерок од Охрид, Струга, Куманово, Струмица, Гостивар, Валандово и од Виница.
Кај 35 примероци е докажана BA.1 сублинијата на омикрон. Кај 3 примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната уште и како „stealth“ (два се од Скопје и еден од Струмица).
Во нашата земја сѐ уште циркулира и варијантата делта (B.1.617.2), докажана кај 3 примероци (двајца се од Гевгелија и еден од Велес).
Кај два примерока е потврдено присуството на Influenza H3N2.