Речиси две милијарди евра ќе се одлеат на странски градежни компании и ќе се дадат на странски работници, наспроти 80 милиони евра за домашните компании и домашните работници – реагираат Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) и Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Северна Македонија.
Синдикалците бараат итна средба во Владата, бидејќи, како што велат, состојбата во градежништвото е алармантна – домашните компании се соочуваат со потешкотии во работењето затоа што големите инфраструктурни проекти ги добиваат странски компании, а голем е и одливот на градежни работници.
– Процентите се застрашувачки, бидејќи 96 проценти од вкупните пари што ги плаќаме ние и граѓаните ќе одат во странски фирми и за странски работници, наспроти домашните компании кои се пред ставање клуч на врата – рече претседателот на СГИП Иван Петрушевски на денешната заедничка прес-конференција со Здружението на градежништво при Стопанската комора.
Најновиот договор потпишан со конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој треба да гради четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д, според СГИП и Здружението на градежништво, е безобразен, бидејќи се даваат 1,3 милијарди евра само за изградба, без направен проект и експропријација.