More

    Доларот зајакна, порасна цената на нафтата

    spot_img

    Вредноста на доларот и на нафтата пораснаа откако САД ги објавија податоците за инфлацијата и растот на потрошувачките цени. Порасна и вредноста на акциите. На инвеститорите веќе им е јасно дека американската централна банка нема драстично да ги намали каматните стапки како што очекуваа. Се очекува и исходот од денешната средба на лидерите на Европската централна банка на која треба да се соопшти за колку ќе се намалат каматните стапки.

    САД објавија дека потрошувачките цени во август пораснаа за 0,2% на месечно ниво, очекувано, но основната стапка на раст на цените, без цената на енергијата и храната, порасна повеќе од очекуваното – за 0,3%.

    Аналитичарите велат дека по овие бројки речиси е  сигурно дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени, а не, како што некои очекуваа, за 0,50 процентни поени.

    Првата реакција од ова се почувствува на берзите. Уште вчера пораснаа индексите на Волстрит, а денеска се зголеми вредноста на доларот како и цената на нафтата.

    Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 101,76 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 101,45 поени.

    Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 141,50 на 142,55 јени.

    И американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,1010 долари, додека вчера во ова време беше 1,1040 долари.

    Цените на нафтата, пак, пораснаа втор ден по ред. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се зголеми за 0,62% на 71,05 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,56% на 67,70 долари.

    Според анализите, се очекува денеска Европската централна банка да ги намали каматните стапки за дополнителни 0,25 процентни поени.

    Денеска реагираа и азиските берзи на кои порасна цената на акциите, но аналитичарите велат , тоа е резултат на растот на технолошкиот сектор и порастот на вредноста на доларот.

    Индексот на MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во 7 часот порасна за 1%.

    Истовремено, на Токиската берза индексот Никеи зајакна за 3,4 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Хонг Конг и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,7 и 1,7 %. Во Шангај, пак, тие благо паднаа.

    Азиските инвеститори беа охрабрени од вчерашниот пораст на берзанските индекси на Волстрит. Dow Jones зајакна 0,31 отсто, додека S&P 500 порасна за 1,07 отсто, а Nasdaq индексот 2,17 отсто.

    Тоа најмногу се должи на растот на технолошкиот сектор во просек од 3,3%. Во исто време, цената на акцијата на Nvidia скокна за 8%, по веста дека американските власти може да дозволат извоз на напредните чипови на компанијата во Саудиска Арабија.

    И на азиските берзи утринава најмногу пораснаа цените на акциите на технолошките компании.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img