Покрај останатите вируси кои владеат, моментално постои стомачен вирус чии симптоми почнуваат насилно и ненадејно.
„Деновиве сме сведоци на голем број деца и нивните родители кои се појавуваат на преглед со симптом на повраќање кое е пропратено со лоша општа состојба“, вели д-р Александра Вуков за Н1.
Според д-р Вуков, симптомите почнуваат наеднаш, повраќањето е често неколку пати по ред и во поток.
Исто така, повраќањето може да биде многу трауматично за децата и тие често се многу вознемирени и исплашени. Повраќањето може да биде единствениот симптом на вирусна инфекција, но може да биде и увертира за инфекција придружена со покачена температура, појава на ретки столици и дехидрација на телото.
Како да препознаете дехидрација?
„Можноста детето да дехидрира е често прашање кое ги носи родителите на преглед. Знаци на дехидрација се намалено мокрење, сува кожа, бел јазик, вртоглавица, забрзано дишење, забрзан пулс и поспаност“.
Совети и препораки
Д-р Вуков советува по повраќањето првенствено да почнеме со надополнување на електролити кои на пазарот ги има во различни вкусови. Се советува и воведување на пробиотици и полесна исхрана.
„Секако треба да се напомене дека замената на течности е макотрпна и понекогаш тешка за мало дете, но дефинитивно се препорачува како прва помош, бидејќи интравенската замена на течност бара хоспитализација, што повлекува стрес и други ризици“, објаснува докторката.
„Затоа најдобро е кога детето ќе почне да повраќа, прво да се внимава на неговата општа состојба, расположение, влажноста на кожата и мукозните мембрани, па веднаш да се почне со надополнување со електролити, а доколку повраќањето продолжи и покрај тоа, тогаш одете на докторот на преглед за да се оцени понатамошниот тек на лекување“, заклучува д-р Александра Вуков.