More

    Дојран доживува една од најлошите туристички години

    spot_img

    Дојран доживува една од најлошите туристички години. Сместувачките капацитети веќе втор месец се празни, а не е сигурно дека и август, кога во овој центар престојуваат домашни гости, ќе може да ја „извлече“ сезоната. Туристичките работници се жалат дека се оставени сами на себе, но искусни туристички работници велат дека многу малку се работи на маркетинг и промоција на посебноста на Дојранското Езеро и регионот, кој има што да им понуди на странските гости. Дополнително, велат дека овој туристички центар има цени кои се речеиси еднакви како тие во Охрид, иако Охрид е далеку повеќе етаблиран на светската туристичка мапа.

    Туристичките работници од Дојран велат дека сезоната им почнала слабо поради дождовите, но очекуваат барем август, кога најголем дел од туристите се домашни, да имаат повеќе работа.

    – Слабо ни почна сезоната. Во јуни и овој месец поради дождот нема туристи. Моментно имаме само транзитни гости, кои остануваат една до две ноќи, но и тие се ретки. Очекуваме август да биде подобар бидејќи главно доаѓаат домашни гости со мали деца поради лековитоста на водата на езерото. Но, за добра година ни треба сезона која ќе трае од јуни до октомври за што немаме соодветна понуда и помош од Агенцијата за промоција на туризмот за промоција на Дојранското Езеро и неговите убавини. Сега се сведуваме на неколку фестивали и неколку англиски тури кои се организираат по патот на Солунскиот фронт и на домашни туристи кои престојуваат во август – вели Андреј Туџаров управител на хотелот „Романтик Плаза“.

    Празни се и апартманите и собите кои се нудат за сместување во Дојран.

    – Празни сме. Немаме резервации за наредниот период. Првите гости ги очекуваме за време на „Мандра фестивалот“ на кој ќе гостува Цеца Ражнатовиќ, а не знаеме дали во август ќе има гости, бидејќи Македонците одат во Грција-велат од апартмани Диневи.

    Причината поради која Дојран е малку посетен туристичките работници ја гледаат не само во дождот кој годинава е актуелен во јуни и јули и во слабата понуда но и во големиот број сместувачки капацитети кои конкурираат за мал број туристи. Се организираат неколку фестивали со учество на познати пејачи, а некоја друга понуда нема.

    Туристичките работници кои се занимаваат со тнр. дојдовен или „инкаминг“ туризам, велат дека не само Дојран, туку и другите туристички региони во земјава, многу малку работат на привлекување гости.

    – Хотелите и апартманите речиси и да немаат маркетинг, чија цел би била да привлече поголем број странски гости. Сите чекаат некој друг да им ја заврши работата. Еве на пример, ние во „Арбо травел“ имаме меѓународни тури со туристи од Словенија. Досега немаме ниедна понуда од македонските хотели. Никој не нуди цени или попусти за вакви тури. Чекаат ние да им побараме понуда. За разлика од нив, грчките хотели нè бомбардираат со најразлични понуди. Да ја земеме Бугарија, која годинава не е интересна за нашите туристи поради политичките случувања. Сепка, и од кај нив добиваме секакви понуди – вели Дончо Нацевски од „Арбо травел“.

    Според него и општините немаат некои туристички стратегии кои ќе овозможат поголема заинтересираност на странците да останат повеќе денови во некој туристички центар во земјава.

    – Се организираат тркачки фестивали со познати пејачи. Доаѓаат гости кои се забавуваат цела ноќ, можеби преспиваат во коли на паркинг или на плажа, и си заминуваат. Вакви фестивали не носат приход за туризмот. На менито на понуда нема фестивали на домашна храна, нешто значајно од регионот, кое ќе го привлече секој авантурист, нуркање, ловење риба, со еден збор, некоја сопствена, оригинална приказна. Дојранското Езеро во нашиот дел е преубаво и тоа треба да се искористи за промоција, ама некој треба да се ангажира тоа да се случи – вели Нацевски.

    Тој смета дека хотелите и угостителите во Дојран не треба да се рамнат со Охрид во цените, сè додека не обезбедат годишен прилив на гости кој ќе биде доволен за успешна сезона и успешна година.

    – Не е работата да се стави цена на ноќевање како во Охрид, кој е етаблиран, и е на светската туристичка мапа. Дојран треба да работи на привлекување гости и со цените на пансионите и на исхраната. Со еден збор, треба да работи на својата посебност за да може да привлече гости преку целата сезона и година, бидејќи има што да покаже заедно со регионот – додава Нацевски.

    Дојран располага со 10 хотели и повеќе од 300 приватни сметувачки капацитети, како апартмани или соби.

    Топлата вода и лековитите алги, адути на Дојранско Езеро

    Дојранско Езеро е лоцирано на границата со Грција. Сливот на езерото покрива површина од 270 км2, од кои на земјава ѝ припаѓаат 88,03 км2 (32,6%), а на Грција 181,97 км2 (67,4%).

    Самото езеро има елипсоидна форма со обем од 26,2 километри. Должината на езерото е 8,9 км, а најголемата широчина е 7,1 км. Просечна длабочина е 6,7 метри а најголемата е околу 10 метри.

    Температурата на водата е една од најважните вредности на Дојранското Езеро. Средногодишната температура во Дојранското Езеро изнесува 14,8 °C, што е највисока вредност во однос на Охридското и Преспанското Езеро.

    Поради јодот ослободен од алгите за време на нивното цветање (јули-август), водата на езерото е многу лековита, особено за лекување на проблеми со синусите, бронхитис, настинки, зараснување на рани и посекотини. Лековити својства има и калта.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img