Посетителите како и сите вработени во Трговскиот центар ГТЦ во центарот на Скопје изутринава беа евакуирани, откако управата на Центарот добила дојава за поставена бомба, информираат граѓани.
Полициски екипи за антитероризам се појавиле во трговскиот центар и им наредиле на граѓаните да го напуштат ГТЦ, како и сите дуќанџии и вработени во фирми во ГТЦ. Во тек се проверки дали дојавата е лажна.
Слични дојави изутринава добиле и вработените на МНР, па и таму се спроведува евакуација на вработените.
Изутринава има повторно јавувања за бомби во некои средни училишта, како во гимназијата „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Брос Тито“ и средното техничко училиште „Владо Тасевски“ во Аеродром.
Дојава за поставена експлозивна направа била испратена утрово и во основно училиште во Кавадарци, информираше СВР Велес. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Минатата седмица вакви закани беа испратени во шест основни и средни училишта во Кавадарци и се покажа дека дојавите биле лажни, потсетува СВР Велес.
Дојавите за бомби се прошируваат и во регионот. Наставата во неколку основни училишта во Подгорица, Црна Гора денеска е во прекин поради дојава за поставени бомби, јави РТЦГ.