Го почитуваме интегритетот на Босна и Херцеговина, но сериозно размислуваме за отцепување, ако не се почитуваат нивните уставни права – изјави претседателот на Република Српска Милорад Додик, кој денес во Белград имаше средба со претседателот Александар Вучиќ, на која се разговарало за сите важни прашања на односите меѓу Србија и Република Српска.
Како што рече на прес конференцијата со Вучиќ, Додик го запознал со неговиот поглед на ситуацијата и односите како во Босна и Херцеговина, така и во однос на Република Српска и борбата и обидите на Република Српска да ги зачува своите права и обврски од Дејтонскиот договор.
– Сакаме да го почитуваме Уставот на БиХ, да го почитуваме Дејтонскиот договор, да го почитуваме интегритетот на БиХ, во ред, но и да ги почитуваме правата што на Република Српска несомнено ѝ се дадени во Уставот – изјави Додик.
Тој посочи дека „ангажманот што го прави дел од западната политичка заедница и политичко Сараево“ води кон уште поголемо „деградирање на позицијата на РС“.
– Дојдовме до точка кога не можеме да го одложиме тоа прашање и наша одбрана е дека сериозно размислуваме да донесеме одлука за независност и отцепување на Република Српска – рече тој.
– Ситуацијата е оптоварена со постојани барања за демонтирање на уставната позиција на Република Српска. Тоа кулминираше со игнорантско, цинично и грубо барање да се постави имотот како проблем на ниво на БиХ за тие да го решават, посочи Додик и додаде дека поради блокадата на имотот, РС не е во можност да разговара со инвеститорите, а доведени во прашање се и концесиите што досега ги дале.
Српскиот претседател Вучиќ по средбата со Додик, изјави дека Србија „секогаш ќе го поддржува“ она што е договорено од трите конститутивни народи во БиХ.
– Претседателот Додик ме запозна со својот став за ситуацијата и односите во БиХ, со обидите на РС да ги зачува своите права и обврски од Дејтон. Во име на Србија, реков дека сметаме дека Дејтонскиот договор е суштина на функционирањето на БиХ и, се разбира, на РС – изјави Вучиќ на заедничката прес-конференција со Додик.