Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во Бања Лука изјави дека во случај високиот претставник Кристијан Шмит да наложи одлука за државниот имот на РС, истиот ден ќе одржи седница на Народното собрание и ќе донесе одлука за нејзиниот иден статус.
„Тоа е ѕид за нас (прашањето на државниот имот) и имаме два патишта. Едната е да исчезне и да престане да постои. Втората е да ја зачуваме нашата автономија и независност“, рече Додик.
Тој додаде дека за ова прашање во Москва разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин, кого го информирал дека, како што рече, ова ќе биде колапс на Дејтонскиот договор.
„Одговорот за мене беше охрабрувачки – Република Српска нема да остане сама. Слично на тоа, РС никогаш нема да ја напушти Русија и сака да ги развива односите со таа земја на највисоко ниво“, рече Додик.
Според него, Република Српска е стратешки партнер на Русија, додавајќи дека неговата улога како претседател на РС е „да не ја затвора вратата никому“.
Додик истакна дека Русија се покажала како важен партнер на РС во зачувувањето на Дејтонскиот договор, особено во Советот за безбедност на ОН, како и во рамките на Советот за спроведување на мирот во БиХ (ПИК), каде што „ јасно зборуваше за злоупотребите на високите претставници“.
„РС го интернационализираше својот статус. Од друга страна, го имате декадентното однесување на Западот, што го промовира Кристијан Шмит, кој формално не беше избран за висок претставник“, рече тој.
Тој повторно ги обвини американската и британската амбасада во БиХ дека континуирано дејствуваат против РС, нагласувајќи дека нивната крајна цел е „да ја уништат и закопаат РС до крај“.
Додик оцени дека Британците не ја „закопуваат“ само РС, туку и Србија, обвинувајќи ги дека стојат зад последните инциденти на северот на Косово и организирањето на протестите на опозицијата во Белград.
„Ние Србите не смееме да чекаме нова ера под колонијална администрација на странци. Тоа би довело до исчезнување на српскиот народ“, изјави претседателот на РС, додавајќи дека светот повеќе не е униполарен, туку мултиполарен.
Додик рече дека РС „ќе продолжи да бара пријатели во светот“, најавувајќи дека ќе ја посети Кина на крајот на годината.
Тој, исто така, истакна дека западните земји одбиваат да разговараат со него и ги блокираат средствата од меѓународните фондови за РС, со што се обидуваат да го „дисциплинираат“ тој ентитет на БиХ.
Според него, западниот интервенционизам не придонесува за стабилноста на БиХ, изразувајќи надеж дека сегашните политички структури на власт во Сараево ќе го препознаат тоа и ќе работат заедно со РС за изградба на нормална БиХ.