На Голо Брдо во Сутомор вчера околу 18 часот избувна пожар кој зафати дел од шумата и ситна вегетација. Пожарот беше видлив и од Бар, а на социјалните мрежи беа споделени видеа на кои се гледа како гори пожарот, што предизвика загриженост и страв кај жителите.
Додека пожарникарите се бореа да се справат со пожарот кој брзо се шири кон градот, дел од туристите безгрижно се забавуваа. На страницата на Инстаграм 192.rs беше споделено видео на кое се гледа како група луѓе играат српско оро на градското шеталиште додека во позадина се гледа пожар кој ја проголта шумата.
Видеото предизвика различни реакции кај гледачите, од осуди за недостаток на емпатија до коментари за позитивен пристап кон животот.
„Кој ја смислил изреката: „Селото гори, баба се чешла“ изгледа мислел на ова“, „Одличен пресек на состојбата на општеството.
„Емпатијата, сочувството за хектари запалени шуми, за животните што живеат во нив, за природата, за можното ширење во човечките населби…тажно“, „Како играат, подобро да не го гаснат огнот!“ – ова се дел од коментарите на социјалните мрежи.
Командантот на црногорската Служба за заштита и спасување, Ацо Вулевиќ, за порталот РТЦГ изјави дека пожарникарите од Бар со часови се бореле со пожарот на Голо Брдо. Тој изјави дека од пожарот е зафатена голема површина и дека пожарникарите се обидуваат да го стават пожарот под контрола. Пожарот го гаснат припадници на Службата за заштита и спасување со четири возила со пожарникарски екипи.