Додека владата, ЕСМ и топланата „Север“ решат како ќе се обезбеди гас за оваа топлана, 500 потрошувачи меѓу кои и училишта и здравствени домови, ќе треба самите да го решат затоплувањето, бидејќи за нив од вчера нема парно.
Прашањето како ќе се реши проблемот на снабдувањето со топлина на овој дел од Скопје и разликата во ставовите на двете компании ЕСМ и топлификација „Север“ стигна и до посредници. Денеска во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе се сретнат претставници на ЕСМ и на топлификација „Север“, за да го разгледаат решавањето на проблемот, а во наоѓањето решение ќе посредуваат регулаторите.
– Регулаторната комисија се обидува да посредува во разрешување на проблемот и денеска во 13 часот ќе има состанок на двете страни со посредство на РКЕ. Во сегашните услови најправилно е двете фирми да потпишат договор за деловно-техничка соработка како што се случи лани меѓу ЕСМ и БЕГ за да може ЕСМ да ги исплати парите. При тоа, потребно е разликата во цената за гасот да биде субвенционирана – вели првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој додава дека граѓаните кои се снабдуваат со топлина од топланата „Север“ нема да останат без парно.
– Тие до крајот на денот ќе добијат топлина, ако не ја добиле веќе. Или евентуално утре – вели Бислимоски.
Регулаторната комисија, додава тој, моментално не размислува за одземање на лиценцата на топланата „Север“.
– Проблемот треба да се реши и за тоа, како што реков, има можност преку договор за деловно-техничка соработка и верувам дека ќе имаме решение – вели тој.
До ваква разврска дојде бидејќи ЕСМ и топлана „Север“ не го потпишале договорот за деловно-техничка соработка со кој треба да се обезбедат пари за набавка на гас. Раководството на топланата тврди дека не може да прифати незаконски договор во кој ЕСМ бара гаранција во имот за да ја помогне топланата со 1 милион евра за набавка на гас.
– Нашата понуда е каква што беше од почетокот, како што кажавме, цената што ја одобрува РКЕ, која е некаде околу 68 денари за метар кубен гас, и реалната цена што е на пазарот што ја купуваме, т.е. разликата да се компензира на начин да бидеме ликвидни и да плаќаме за гасот – изјави вчера директорот на топланата Куштрим Рамадани.
Тој обвини дека од ЕСМ се бара топлификација да гарантира со имот дека ќе ги врати парите.
Од своја страна ЕСМ, како што соопшти, правно не може да исплати неповратно 1 милион евра на приватна фирма, туку топланата може да ја помогне само ако направат договор за техничка соработка под одредени услови кои важат и за другите субјекти кои испорачуваат топлинска енергија.
– Доколку АД Скопје Север не сака да ги прифати истите услови кои важат за сите други субјекти кои испорачуваат топлинска енергија за над 58 000 потрошувачи, одговорноста за прекин на греењето на 500 потрошувачи кои ги снабдува во општините Чаир и Бутел паѓа исклучиво на АД Скопје Север – нагласија вчера од ЕСМ.
Оттаму тврдат дека раководството на топланата одбило да го потпише договорот и бара дадените пари да не ги враќа, односно смета дека треба да му се исплати финансиска помош која не треба да ја врати, иако АД ЕСМ истите пари ги должи кон државниот буџет.
„Скопје Север побарува субвенционирање директно од АД ЕСМ, кое нашата компанија ниту има правен основ, ниту смее да го прави, односно смее да постапува исклучиво по задолжението од Владата и во рамките на одобрениот договор од страна на Владата“ соопштија од ЕСМ.
Владата, иако ја прашавме, не одговори дали и оваа топлана која има финансиски проблеми во иднина ќе ја земе под закуп или ќе ја откупи од Топлификација во стечај и како планира да го реши проблемот со топлината на овој дел од Скопје во екот на грејната сезона.