Полицајците во Фармингтон, Ново Мексико, го убиле Роберт Дотсон (52) кога, според локалните медиуми, тропнале на погрешна врата во која требало да отидат по пријава за семејно насилство, јавува Си-Ен-Ен.
Според извештаите, мажот ја отворил вратата со пиштол во раката, полицајците пукале во него, а неговата сопруга наводно возвратила.
– Сите ние, мажите и жените од полицискиот оддел Фармингтон, ја препознаваме тежината на овој инцидент – рече началникот Стивен Хеб во изјавата.
– Ќе направиме сѐ што е можно за целосно да разбереме што се случи овде. Уште еднаш сакаме да изразиме сочувство до семејството Дотсон, а како ваш началник на полицијата сакам да ви пренесам колку ми е жал што се случи оваа трагедија – рече Хеб.
Државната полиција на Ново Мексико, која го истражува пукањето, рече дека полицијата во Фармингтон добила повик за инцидент со семејно насилство на 5308 Valley View Ave.
– Кога биле на лице место, полицајците по грешка се приближиле на адресата 5305 наместо на 5308 Valley View Avenue – се вели во соопштението на државната полиција.
На видеото се гледа како тројца полицајци се приближуваат до куќата со јасно означена и осветлена адреса и тропаат три пати на вратата.
Тие три пати се идентификувале како полицијата во Фармингтон. Додека чекале да се отвори вратата, полицајците побарале од диспечерот да ја потврди адресата, а диспечерот дал број на друга куќа.
– Зошто полицајците дошле на погрешна адреса, останува да утврди истрагата – соопшти полицијата во Фармингтон.
Кога мажот се појавил на вратата, полицајците му рекле да ги крене рацете и почнале да пукаат во него. Неколку моменти подоцна, во куќата се слушнал женски глас како вреска. „О Боже!“
Таа пукала кон полицајците, кои возвратиле, но тие не ја погодиле. При пукањето на подот во домот имало три деца. Сопругата на Дотсон не била обвинета за кривично дело бидејќи не знаела дека пука во полицајците.