Министрите за надворешни работи и други претставници на 57 земји-членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и на државите партнери, се состануваат во наредните три дена во Скопје за да разговараат за иднината на организацијата и за предизвиците со кои се соочува. Министерскиот совет ќе го означи и крајот на едногодишното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ. Нов претседавач ќе биде Mалта откако во понеделникот беше постигнат компромис меѓу земјите-членки по ветото од Русија и Белорусија за Естонија која според ротирачкиот принцип требаше да го преземе претседавачкото место.
Во Скопје ќе дојдат државниот секретар на САД Ентони Блинкен и министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров. Учеството на шефот на руската дипломатија беше неизвесно поради меѓународните санкции против Русија по инвазијата врз Украина, но откако Бугарија го отвори небото и дозволи прелет на рускиот владин авион, а ЕУ кажа дека тоа не е кршење на санкциите, од Москва беше потврдено дека Лавров доаѓа во Скопје.
Доаѓањето на Лавров, пак, е причина за откажувањето на учеството на министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба и шефовите на дипломатиите на Естонија, Летонија и Литванија, Маргус Цахна, Кришјанис Каринш и Габриелиус Ландсбергис.
Украина на форумот ќе биде претставена од делегација од нивното МНР, потврдија за МИА од украинската Амбасада во Скопје. Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Олег Николенко, соопшти дека Киев високо ги цени напорите на Северна Македонија како држава-претседавач на ОБСЕ во 2023 година и лично на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои покажаа висок професионализам и непоколеблива посветеност на заштитата на принципите и обврските на ОБСЕ и што дадоа приоритетот на прашањето за спротивставување на руската агресија врз Украина.
„Руската Федерација постојано го уништува ОБСЕ, злоупотребувајќи го правилото за консензус. Одејќи кон уцени и отворени закани, Русија систематски го блокираше консензусот за клучните прашања, како и кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година. Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја претвори организацијата во заложник на нејзините каприци и агресија“, наведува Николенко, во објава на Фејсбук.
Министрите за надворешни работи на трите балтички земји, пак, во заедничка изјава велат дека „присуството на Лавров носи ризик да се даде легитимитет на агресорот Русија како законски член на заедницата на слободни нации, да ги банализира ѕверските злосторства што Русија ги направи, како и очигледното руско кршење и презирање на основните принципи и обврски на ОБСЕ”. Според нив, „Русија ќе ја искористи оваа можност да ја шири својата пропаганда и да го поткопа единството на Западот“.
Други откажувања засега нема.
Присуството го потврди високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, но како што најави, нема да разговара со Сергеј Лавров.
Министрите за надворешни работи на земјите в четврток и в петок во Скопје ќе разговараат и за мандатите на четворица високи функционери на ОБСЕ, вклучително и германската дипломатка Хелга Шмид како генерален секретар. Нивните мандати истекуваат на 4 декември, а уште нема договор дали и кој ќе ги наследи, поради забелешките на Русија и Белорусија. Во последните години, а особено по инвазијата на Украина, Москва го користи правото на вето во ОБСЕ, каде одлуките се носат со консензус.
За време на форумот се планирани споредни настани, дискусии на теми поврзани со влијанието на климатските промени врз безбедноста во регионот на ОБСЕ, младите и граѓанското општество, влијанието на теренските мисии на ОБСЕ во 2023 година, а во рамките на состанокот министрите за Надворешните работи на земјите од Западен Балкан ќе потпишат декларација за заедничка борба против корупцијата, со фокус на конфискација на имот и употреба на дигитализација.
Безбедносните мерки во Скопје се на високо ниво. Голем дел од улиците кои водат до салата „Борис Трајковски“, каде што ќе се одржи состанокот, од денеска напладне ќе бидат затворени, а други ќе бидат затворени одредени периоди во зависност од движењето на делегациите. Со одлука на владата администрацијата и училиштата во Скопје денеска ќе работат до пладне, а утре е прогласен за неработен ден. Ваквата одлука не важи за установите за предучилишна возраст и здравствените установи.