Министрите за одбрана на НАТО се во Брисел на дводневни разговори за да се договорат за мисијата за поддршка на Украина со обука и долгорочни финансиски обврски.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес-конференција во пресрет на состанокот ги повика сојузниците „да го одобрат планот за координација на безбедносната помош и обука во Украина да биде предводена од НАТО“. Проектот е главен дел од одбранбениот пакет за Украина што НАТО, 32-члената алијанса, сака да го одобри на самитот на лидерите на алијансата во Вашингтон во јули.
Целта е да се префрли одговорноста за координација на воената помош за Украина од неформалната структура на Контакт групата за одбрана на Украина предводена од Соединетите држави на формалните структури на НАТО.
Во тек се и разговори меѓу сојузниците за договор за долгорочна финансиска поддршка на Украина. Столтенберг претходно изјави дека на Украина и требаат најмалку 40 милијарди евра секоја година. Рустем Умеров, украинскиот министер за одбрана, учествува на состанок со министрите за одбрана на НАТО како дел од координативното тело на Советот НАТО-Украина.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ќе претседава со состанокот на иницијативата предводена од САД, која беше предмет на интензивна дебата меѓу сојузниците пред состанокот на министрите за одбрана.