На седницата закажана за 11 мај (утре) во 9.30 часот Уставниот суд ќе разгледува реферати кои се подготвени по поднесени три иницијативи и едно барање за заштита на слободите и правата.
1. Реферат У.бр.27/2022
Оспорен: Член 42 став 2 во делот „и кој не е постар од 60 години“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018).
Подносител: Гордана Пашоска и Соња Костовска, од Скопје
Подносителите на иницијативата го оспоруваат членот 42 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018) кој гласи: „За судија поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 60 години”, при што акцентот на оспорување го ставаат на делот „кој не е постар од 60 години.”. Според подносителите на иницијативата, ограничувањето на старосна граница од 60 години на лицатa да бидат судии-поротници е во спротивност на членот 8 од Уставот во поглед на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот како и со владеење на правото како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
2. Реферат У.бр.5/2022
Оспорени: Членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување
Подносител: Здравко Тумбовски од Радовиш
Подносителот во иницијативата наведува дека членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување се во спротивност со членот 20 ставовите 1 и 2 од Уставот, како и со членот 1, членот 14, членот 16 став 1 и членот 22 од Законот за здруженија на граѓани и фондации. Подносителот наведува министерот за труд и социјална политика и Министерството за труд и социјална политика не може да формираат фонд за социјална помош, да зачленуваат во здружение на пензионери, да формираат регистрирана организација на Сојузите на здруженија на пензионери на Македонија, собраните пари да ги уплаќаат на трезорска сметка и самиот министер да се овластува да ја пропишува потребната документација за исплата на посмртната помош.
3. Реферат У.бр.10/2022
Оспорен: Член 171 ставови 2, 3 и 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021 и 32/2022), склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат.
Подносител: Синдикат на полиција во Македонија – Велес
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од членот 171 ставови 2, 3 и 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи не се во согласност со членовите 8, 9 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 148 ставови 2 и 3 од Законот за внатрешни работи и членот 117 ставови 2 и 3 од Законот за работните односи. Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од ставовите 2, 3 и 4 од Колективниот договор предвидуваат наместо зголемување на плата како вонреден работен додаток со согласност на работникот, да може да се определи истиот да користи слободни денови (став 2). Понатаму се наведува дека со ставот 3 работникот одработува повеќе од 32 часа прекувремена работа (законски предвидени во месецот), за останатите над 32 часа користи исклучиво слободни денови пресметани со математичка формула за давање на слободен ден, а во ставот 4 е наведено дека работникот кој слободните денови не ги искористил во тековната календарска година, може да ги користи најдоцна до 30 јуни следната календарска година.
4. Реферат У.бр.66/2021- Барање за заштита на слободи и права
Подносител: Авдула Меметај преку Стојан Михајловски, адвокат од Скопје
Од наводите во барањето:
Подносителот на барањето наведува дека со решенијата донесени во постапка пред Основниот граѓански суд – Скопје и Апелациониот суд – Скопје му се повредени слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот коишто се однесуваат на забрана за дискриминација на граѓаните врз основа на пол. Подносителот на барањето исто така бара заштита на правото на еднаквост, гарантирано со членот 9 од Уставот, во врска со остварувањето на правото на презумпција на невиност гарантирано со членот 13 од Уставот и член 6 став 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права. Во барањето се наведува дека на подносителот му е повредено правото на семеен живот како составен дел од правото на почитување на приватниот и семејниот живот гарантирано со членот 40 од Уставот и членот 8 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
По овој предмет, Уставниот суд одржа јавна расправа на 16 декември 2021 година.