Уставниот суд ќе ја одржи 9. седница на 7 март, вторник во 9:15 часот, со дневен ред на кој е предвидено да се расправа по четири иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.
1. Реферат У.бр.66/2022
Подносител на иницијативата: Борис Сидоровски
Оспорен: Одлука за донесување на ДУП за станбена заедница бр.4 и 2 Реонски Центар Запад, Блок 1- Општина Битола, донесен на 4 јануари 2018 година.
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената Одлука за донесување на ДУП ја нарушува неговата и сопственоста на соседите бидејќи како последица на градбите овозможени со оспорениот ДУП се изградени објекти кои предизвикале распукување на темелите на куќите во кои живеат. Според подносителот Општина Битола не објавила соодветно известување дека назначениот ДУП бил оспорен претходно на анкетен лист и по иницијатива на трето лице градежна комисија во целост го прифатила стопирањето на донесениот ДУП до нова изработка во согласност на барањето во анкетниот лист. И покрај овие активности подносителот наведува дека општина Битола во март 2018 година повторно го донесува истиот ДУП кој предвидува изградба на станбена зграда која веќе 90% е изградена и е на 4 метри оддалеченост од куќите. Според подносителот оспорената одлука не е во согласност со членовите 8, 24, 25, 26, 30,33 и 110 од Уставот од чијашто содржина меѓудругото се гарантира владеењето на правото, неповредливост на домот, право на сопственост итн.
2. Реферат У.бр.93/2022
Подносител на иницијативата: Славко Лазевски
Оспорен: Член 2 точка 29 од Законот за катастар на недвижности
Од наводите во иницијативата:
Оспорената одредба која гласи: „заинтересирано лице е лице кое за докажување на својот правен интерес за поднесување на пријава за запишување, покрај правен основ за запишување и геодетски елаборат приложува и изјава заверена кај нотар во која се содржани основите за правниот интерес”, подносителот ја цени како спротивна на владеењето на правото. Според наводите во иницијативата со одредбата се изразува недоверба кон државниот службеник кој има оригинерни јавни овластувања и дадената изјава пред него е поверодостоен доказ од изјавата пред лицето со пренесени јавни овластувања од министерот за правда, како што е нотарот во предметниот случај.
3. Реферат У.бр.131/2022
Оспорен: Член 6 став 2 од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани за справување со енергетската криза.
Подносител на иницијативата: Славко Лазовски
Содржината на оспорениот член:
„Корисникот кој не е на списокот од член 5 став 3 од овој закон, а кој смета дека ги исполнува условите како корисник на правото од член 2 од овој закон, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка во рок од три дена од датумот на објавувањето на списоците на корисници на финансиска поддршка од член 5 став 3 од овој закон”.
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека пропишаниот рок за приговор е претерано краток и го попречува остварувањето на целта на Законот, затоа што според него роковите во правната материја немаат за цел да оневозможат остварување на некое законско право.
4.Реферат У.бр.2/2023
Оспорени: Членовите 12 став 1 алинеја 3, став 2 во делот „претставници на Собранието на АКРСМ”, член 14 ставови 2, 3, 4, 5 и 6, член 15 став 2 во делот „повеќе од ⅓ од претставниците на Собранието”, член 17, член 36 во делот „од вкупниот број претставници” од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија(„Службен весник на Република Северна Македонија” број 128/2019).
Подносител на иницијативата: Александар Ристески, адвокат од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Oспорените одредби го регулираат начинот на конституирање на Собранието на АКРСМ кои предвидуваат делегатски систем на избор, односно конституирање на Собранието на АКРСМ кои според подносителот се посредни и недемократски, бидејќи Адвокатската комора согласно Законот за адвокатурата претставува своевиден специфичен облик на еснафско здружение и како такво мора да функционира. Подносителот наведува дека иако со Устав, во членот 53 адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања, тоа не значи можност за регулирање на внатрешните односи во комората, вклучувајќи ги и статутарните одредби. Се наведува дека во сите облици на здружување на граѓаните или сите членови на здружението треба да бидат членови на Собранието или членовите/пратениците во Собранието на здружението треба да се бираат непосредно на демократски избори со тајно гласање и во гласачки кутии и секој друг начин на конституирање на претставничките органи е недемократски и неуставен бидејќи гласањето не е тајно.
Реферат У.бр.137/2021
Оспорен: – Решение број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година на Основниот Куманово и Решение ГЖ-1.бр.1627/21 од 19 мај 2021 година на Апелациониот суд од Скопје,
Подносители: Живко Јаќимовски и Радица Јаќимовски застапувани од Бенита Белешкова, адвокатка од Скопје
Од наводите во барањето:
Во барањето е наведено дека Живко Јаќимовски е единствен сопственик на недвижен имот со имотен лист број 40 XXX за КО Куманово со кој се стекнал на 26 септември 2018 година. Со споменатото Решение број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година на Основниот граѓански суд Скопје било усвоено тужбеното барање на негов сосед од Куманово, кој бил татко и близок роднина на членови на политичка партија на Србите и затоа бил со подобра социјална и општествена политичка позиција. Според наводите во барањето Живко Јаќимовски од Скопје му го нарушил последното мирно, фактичко и непосредно совладение над опишаниот наведен имот од имотен лист број 20 XXX за КО Куманово кој бил во сосопственост на повеќе сосопственици, помеѓу кој бил и подносителот на барањето.