Денеска (11.08.2023) директорот Сашо Тасевски, заедно со стратешката група при Бирото за јавна безбедност, имаа работна посета на СВР Велес, во рамки на реализацијата на мерките и активностите предвидени со оперативниот план „Безбедно лето 2023“. Во текот на посетата беше реализирана средба со раководството на овој сектор за внатрешни работи, при што стратешката група беше информирана за безбедносната состојба на подрачјето на СВР Велес, која е поволна и на задоволително ниво, како и состојбите со криминалитетот, а на дневен ред беа и активностите коишто се преземаат во рамки на „Безбедно лето 2023“.
Притоа, раководството на СВР Велес информираше дека во текот на првото полугодие од 2023 на целото подрачје на СВР Велес криминалитетот бележи намалување за 6,7%, исто како и на делата од класичниот криминал, особено кај тешките кражби, каде што е евидентирано намалување за 41,1%во споредба со 2022 година. Директорот Тасевски беше информиран дека во првите шест месеци од оваа година овој сектор за внатрешни работи може да се пофали и со зголемување на откривачката функција во справувањето со „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ за 33%, компаративно со истиот период лани.
Исто така потенцирано е дека позитивни трендови се евидентирани и во сообраќајот, особено имајќи предвид дека во изминатите шест месеци од годинава на велешкиот простор намалени се и бројките на лица кои се здобиле со тешки или телесни повреди. Според раководството, ова во прв ред е резултат на бројните превентивни и контролни активности преземени во периодот за кој станува збор, од типот на редовни, акциски и други контроли, кои ефектуираат со конкретни позитивни поместувања, а што претставува обврска повеќе и во наредните месеци да се продолжи со несмалено темпо и интензитет.
Инаку, како што директорот Тасевски беше информиран, заклучно со јуни, СВР Велес реализираше и 5 превентивно-едукативни проекти, 10 превентивни кампањи или вкупно 480 превентивни активности, чиј иницијатор и носител беше Отсекот за превенција, во соработка со локалните самоуправи од подрачјето, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Центарот за социјални работи, подружниците на Национални шуми, ОБСЕ и невладиниот сектор на подрачјето на СВР Велес. Со превентивните активности во најголем број беа опфатени ученици од основните и средните училишта на велешко-тиквешкиот регион, како и детски градинки, а свое место во нив имаа и советодавните групи на граѓани во урбаните и руралните средини. Во рамки на оперативниот план „Безбедно лето 2023“ и во текот на јули се продолжи со ваквите активности при што беше активиран проектот на МВР „Соседска патрола“ за меѓуинституционална соработка, во кој беа опфатени Општина Велес, Општина Неготино и Општина Кавадарци како и Центрите за социјални работи и Советите на родители. Притоа беа посетени и сопственици на угостителски објекти каде се одржуваат свадби, прослави и семејни веселби, а во врска со неовластено пукање од огнено оружје, употреба на пиротехнички средства или експлозивен и лесно запалив материјал, но и за неовластено точење на алкохол на малолетни лица, како и за законската обврска од навремено пријавување во полиција на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, недозволени појави и однесувања и сл.; пензионерски здруженија во врска со зајакнување на мерките за самозаштита од имотни деликти, потоа со културните уметнички друштва на кои им беше укажано на доследно почитување на законските прописи и обврската за навремено пријавување на јавни собири или културно-уметнички и забавни манифестации, меѓу другото и во насока на намалување на сообраќајниот метеж во градот.