Денеска, 27.01.2021 година, петок во Центарот за обука на МВР во Идризово, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски присуствуваше на презентација на која беа презентирани целите за кои е формирана работната група “Анализа на работни задачи” во која партиципираат членови од Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа, но и експерти од Меѓународната програма за обуки и помош за кривични истраги – ICITAP. На презентацијата беа наведени целните групи (униформиран полициски службеник и инспектор – истражител) поради кои се спроведува и реализира целокупниот проект. Споменат беше комплетниот распоред на активности со определени термини на сесиите кога се комплетирани планираните задачи, платформата која е креирана конкретно за потребите на овој проект која овозможува поквалитетно спроведување на анкетирањето и добивање на брзи и конкретни податоци за дадените одговори на испитаниците од спроведената анкета. Исто така беше презентиран и планот за спроведување на анкетата на ниво на целата држава со конкретни термини, локации на спроведување но и бројот на лица и служби кои ќе бидат опфатени со истата и беше истакната и потребата од понатамошната потреба од поддршка од сите присутни на презентацијата со цел успешно спроведување на следните чекори, а беше споменат и финалниот извештај кој треба да произлезе од целокупниот процес и бенефитите кои ќе ги имаат сите засегнати страни од овој проект.
Покрај директорот Тасевски на презентацијата беа присутни и полициското аташе раководител на канцеларијата на ИЦИТАП-Карл Кларк, директорот на Финансиската полиција- Горан Иванов, помошник на министерот за внатрешни работи од Центарот за обука, Суза Трајковска, помошник на директорот на Единицата за стратешко планирање, стандарди и контрола на квалитет- Ѓоко Котевски, помошник на директорот на Одделот за криминалистичка полиција– Оливер Лукароски, помошник на директорот на Одделот за униформирана полиција – Шефик Бајрами, помошник на директорот на ОЗРУЧР – Виолета Влаховиќ, началникот на секторот за криминалистички истраги при ОСОСК – Зафирчо Панчевски, началници на Секторите за внатрешни работи во БЈБ, началници на регионалните центри за гранично управување и раководители од царинската управа.