Стапката на раст ја темелиме на реални инвестиции, а не на класични трансфери на пари до јавните претпријатија и државни акционерски друштва и општини, изјави денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, одговарајќи на прашања по денешниот брифинг за новинари.
Таа вети дека следната година ќе има реална реализација на планираните 50 милијарди денари за капитални инвестиции.
– Буџетот вклучува 50 милијарди денари, односно 830-40 милиони евра за капитални инвестиции. Приоритет се Коридорите 8 и 10 Д, каде што министерот за транспорт репреговара во насока на тоа да имаме реална реализација. Исто така и проектите на општините се приоритет. Приоритет се и проектите за финансирање на енергетска ефикасност, за олеснување на трговија и транспорт во Западен Балкан, за администрирање на социјалното осигурување, за модернизација на земјоделството, регионален проект за отпад, за подобрување на водна инфраструктура, реконструкција на казнено-поправни установи. Во Образование, покрај обнова на студентските домови во преговори сме за доизградба на училишта и спортски сали – рече Димитриеска Кочоска по брифингот со медиумите.
Таа ги прокоментира сомнежите во однос на растот на БДП од 3,7% кој според неа е реален и се темели на реалните инвестиции, не само на класични трансфери како што тоа било во изминатите години.
За поткрепа на тоа таа направи споредба на капиталните инвестиции во претходните две години.
-Во 2022 година во делот на капитални инвестиции сме имале 18 милијарди денари реализација, меѓутоа таа реализација кога ќе тргнете да ја анализирате нагоре се во суштина класични трансфери коишто се префрлани до јавни претпријатија и акционерски друштва при што во овој дел 14 милијарди не се влезени оние паднати гаранции. Морам да напоменам дека има и многу капитални трансфери коишто исто така се направени за некакви нефинансиски или нематеријални вложувања и тоа е веќе прашање исто така каков тип на инвестиции се – рече министерката за финансии.
Состојбата не била поразлична и лани, рече таа.
-Во 2023 година иако во планот биле буџетирани 17 милијарди се завршува со 23 милијарди повторно на вакви инвестиции, односно евидентирани како инвестиции кои во реалноста завршувале за плати, за набавка на репроматеријали итн. И плус на ова додадете ги повторно паднатите гаранции коишто ги имаме во износ поголем од 5 милијарди денари и 2 милијарди на општините трансфер на крајот на 2023 имаат премногу слаба реализација. Кога ќе ги соберете математиките ќе видите дека ние реално во годините не сме инвестирале повеќе од 15 милијарди денари – рече таа.
Димитриеска Кочоска вели дека во 2025 година вакви планирања нема да има, бидејќи нема да има директни трансфери кон државните претпријатија кои ќе ги билдаат капиталните инвестиции.
-Трансфери за ЕСМ нема, трансфери во однос на одредени јавни претпријатија се предвидени, но во многу помал износ или се пренасочени на други ставки, а не да ги „билдаме“ капиталните, што значи дека она што го гледате како 50 милијарди денари се реални инвестиции – појасни Димитриеска Кочоска.
Димитриеска Кочоска оцени дека во минатото немало интерес за реализација на проектите и затоа се прибегнувало кон класични трансфери на пари за претпријатијата. Како пример посочи на проектите за изградбата на автопатот Скопје-Блаце и Кичево-Букојчани.
– Она што бев многу шокирана изминативе денови беше тоа дека имаме одобрено средства за изградба на Скопје – Блаце и Букојчани – Кичево, што се поразлични кредити од она што е сега проектот за Коридорот 8 и Коридорот 10, уште во 2021 година и се поставува прашањето зошто не се почнало со реализација на тие проекти. Кој е виновен за тоа? Парите се одобрени, едниот од ЕИБ, а другиот беше чинам од ЕБРД. Значи, два проекти 3-4 години наназад одобрени заедно во соработка со претходната влада – рече таа.
Предлог буџетот за 2025, со проектирани приходи во вредност од 5,8 милијарди евра и расходите 6,5 милијарди евра.
По доставувањето во Собранието, следува 10-дневна расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет.