ВМРО-ДПМНЕ јасно ги исцрта црвените линии за уставните измени и од тоа нема отстапување, вели пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во интервју за МКД.мк.
Мицевски ниту потврдува ниту демантира дека околу 15-тина пратеници од неговата партија се врбуваат или се под притисок од поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но и од власта за да гласаат за уставните измени. За него, разговорите на оваа тема се дегутантни.
Прашан дали мора да има Етички кодекс за однесување на пратениците, тој вели дека со оглед на состојбите во Собранието, очигледно дека кодексот е нужен.
Во интервјуто за МКД.мк, Мицевски уште зборува за односите со Бугарија, за нефукционалните институции но и за неговата детска љубов, одбојката.
– Ние сме спремни да продолжиме со разговори за Европскиот пат на Македонија, но само и само ако нема диктат од другата страна, односно ако Бугарија е подготвена на одредени чекори кои што следуваат. Рековме дека за сите оние потези коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе ги влече во наредниот период, јавноста ќе биде информирана. Ќе излеземе со конкретни прашања и решенија пред граѓаните од кои ќе ја бараме поддршка. Имаме отворени прашања, меѓутоа за да продолжи дијалогот, којшто според мене е двонасочна улица, ќе треба и Бугарија да направи одредени отстапки. Тоа се 14-те пресуди кои што ги има во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за кои што во моментов нема никаква реакција од Бугарија. Во процедура има уште други 17 процеси кои што исто така најверојатно ќе завршат во корист на Македонците од Бугарија, а до сега немаме реципроцитетна реакција од нивна страна. Исто така Македонија треба да добие јасни гаранции за својот национален идентитет, меѓутоа и дека во наредниот период, односно на следните станици од преговори на Македонија, нема да има одредено вето од страна на Бугарија или промена на условите, односно барањата. Затоа што гледаме дека тоа што стигнува до нас е дека Албанија е во понапредна фаза од Македонија, меѓутоа гледаме дека Грција се спрема за одредено вето по однос на други прашања. Затоа е многу битно да не се доведеме во ситуација, да почнеме процес во којшто не го знаеме патот по кој што ќе треба да се движиме, а дополнително да добиваме нови опструкции на тој пат – изјави Мицевски.