Земјава ја очекуваат два изборни циклуси во 2024 година – претседателски и парламентарни избори, а со тоа ќе се овозможи Владата за првпат да биде раководена од премиер-Албанец, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери во емисијата „Дебатно катче“ на ТВ1, пренесува информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.
Џафери вели дека освен тоа што во последните 100 дена со земјава ќе раководи премиер-Албанец, сепак, постои можност и по изборите да остане премиер-Албанец.
– Станува збор за политички договор на ова мнозинство во последните 100 дена од Владата да ја води премиер-Албанец. Прашањето за премиерот-Албанец е веќе дефинирано од овој парламентарен состав и беше тема на политичка расправа во составот на сегашното парламентарно мнозинство. Тоа е политички договор за совладеење во овој мандат, кој предвидува во последните 100 дена од овој парламентарен состав со техничката Влада да раководи премиер-Албанец – објасни Џафери, пренесе ИНА.
Запрашан дали постои можност и по новите избори да има премиер-Албанец, тој одговори дека тоа зависи од консензусот на мнозинството по изборите.