Девет конзервативци засега се во трката за наследник на Борис Џонсон на функцијата британски премиер.
Во трката најверојатно ќе доминира темата за даноците поради високата инфлација, зголемувањето на животните трошоци, стагнирањето на раст и релативно високите даночни стапки.
Поранешните министри за здравство Џереми Хант и Саџид Џавид ветија дека ќе го намалат данокот на добивка откако и двајцата одделно ги објавија своите понуди за лидерското место на ториевците.
И министерот за финансии Надим Захави и министерот за транспорт Грант Шапс најавија учество во трката за лидер на Конзервативната партија, и исто така најавија намалување на дaноците во Велика Британија.
Хант, Џавид и Захави не се меѓу најпопуларните членови на Конзервативната партија според неодамнешните анкети, но тие се меѓу најистакнатите кои почнаа кампањи.
Претходно кандидатура најави и поранешниот министер за финансии Риши Сунак, кој го помогна бунтот во владата, што доведе до оставка на Џонсон,
Покрај нив кандидатура најави и Шапс, но според анкетите тој не е фаворит.
Јавната обвинителка и заговорничка на Брегзит, Суела Браверман, релативно непознатиот поранешен министер за рамноправност, Кеми Баденох и пратеникот Том Тугендат, исто така, ги објавија своите кандидатури. Во трката се вклучува и пратеничката Пени Мордоунт.
Се очекува во трката да влезе и актуелната шефица на британската дипломатија, Лиз Трас, која според анкетите е една од најпопуларните ториевски политичари.
Најголема поддршка според анкетите има министерот за одбрана Бен Волас, но тој изјави дека нема да се кандидира за лидерското место во Конзервативната партија.
Џонсон, чиј тригодишен премиерски мандат беше обележан со скандали, излегување на земјата од Европска Унија и пандемијата со ковид-19, изјави дека ќе остане на функцијата додека не се избере неговиот наследник.
Членовите на Конзервативната партија треба да го изберат својот нов лидер пред партиската годишна конференција на почетокот на октомври, кога 358 пратеници ториевци ќе гласаат во повеќе кругови додека не се изберат двајца кандидати за завршниот круг.